ФУДБАЛ

Тимот покажа што треба да прави и како да игра без да му биде кажано: „Ова е начинот на кој треба да постапите во овие мигови“. Неверојатно е да се види како реагираа. Волшебно е. Првото нешто што им го покажав на момчињата кога се сретнавме беше слика на „Вембли“ кога бевме таму есента. Им реков дека ќе се вратиме назад, изјави селекторот на Данска, Хјулманд, по победата над Чешка во четврт-финалето на ЕП 2020
Емотивниот настап на репрезентацијата на Данска на Европското првенство (ЕП) 2020, по срцевиот удар што го преживеа капитенот, Кристијан Ериксен, на премиерниот меч со Финска, со 0-1, продолжи на најдобар можен начин, со победа во четврт-финалето над Чешка, со 2-1, за пласман во полуфиналето, в среда, со фудбалската селекција на Англија. Данците се вратија од шокот од првиот меч и, по двата пораза, нанижаа три победи, постигнувајќи 10 гола, вкупно 11 досега, најмногу на еден голем турнир (ЕП и СП), надминувајќи ги 10-те на Светското првенство во Мексико во 1986 година.
Данска ѝ се реваншира на Чешка за поразот во четврт-финалето на ЕП 2004 (0-3) и се пласира во своето прво полуфинале на ЕП по 1992 година, кога ја освои и титулата. Данците се првата селекција што се пласирала во полуфинале на едно европско првенство по два воведни пораза. Селекторот Каспер Хјулманд изјави дека неговиот тим во мислите постојано го има Ериксен.

– Да, дефинитивно го чувствуваме тоа. Целиот свет на фудбалот во таа секунда ги сфати фундаменталните работи во животот и во фудбалот. Уште размислуваме за Кристијан секој ден, тој ќе биде со нас и на „Вембли“. Но среќни сме што преживеа. Тимот покажа што треба да прави и како да игра без да му биде кажано: „Ова е начинот на кој треба да постапите во овие мигови“. Неверојатно е да се види како реагираа. Волшебно е. Првото нешто што им го покажав на момчињата кога се сретнавме беше слика на „Вембли“ кога бевме таму есента. Им реков дека ќе се вратиме назад – изјави Хјулманд.
Патрик Шик, стрелецот на единствениот гол за Чешка на мечот со Данска, стана четвртиот играч што постигнал пет гола на едно големо натпреварување (ЕП/СП) за Чешка/Чехословачка, по Милан Барош на ЕП 2004, Томас Скухрави на СП 1990 и Олдрих Недели на СП 1934.
– Многу сме разочарани. Мислам дека сторивме сѐ за да успееме, но немавме доволно сили за пресврт во последните минути – вели Шик, кој е деветтиот играч што постигнал пет или повеќе гола на ЕП.