Данците, кои ги победија Велшаните со 4-0, станаа и првата репрезентација во историјата на ЕП што на два меча по ред постигнува по четири гола, а со деветте погодока на ова ЕП го израмнија рекордот од ЕП 1984
Данска го победи Велс во осминафиналето на фудбалското Европско првенство (ЕП) 2020 со 4-0 и се пласира меѓу најдобрите осум репрезентации, а во четврт-финалето в сабота во Баку ќе игра со Холандија или со Чешка (играа синоќа).
Репрезентацијата на Данска е првата селекција што на ЕП стигнала до нокаут-фазата, откако ги загубила првите два натпревара во групата (од Финска, со 0-1 и од Белгија со 1-2). Данците станаа и првата репрезентација на европските првенства што на два меча по ред постигнува по четири гола. Данците, кои на претходните 16 меча забележаа 11 победи, три пораза и две ремија, веќе постигнаа девет гола на ова ЕП, со што го израмнија рекордот од ЕП 1984 година во Франција. Велс, пак, првпат во нивната историја загуби два последователни натпревара на големите турнири.
– Разочарувачки крај на турнирот за нас, не сакавме вака да се одвива мечот. Од наша гледна точка, почнавме многу добро во првите 25 минути, но потоа примивме гол и играта малку се смени – изјави капитенот на Велс, Герет Бејл, кој по мечот инсистираше дека пред вториот гол на Данска имало очигледен прекршок од Симон Кјаер.