Манчестер сити и Лион се пласираа во четврт-финалето на фудбалската Лига на шампионите откако вечерва успеаја да ги елминираат Реал Мадрид, односно Јувентус.
Стоперот на Реал, Рафаел Варан, направи две големи грешки кои резултираа со голови на Рахим Стерлинг во 9-та и на Габриел Жезус во 68-та минута, во поразот од Сити 1-2 на гости (вкупен резултат 2-4 во двомечот). Карим Бензема, пак, го постигна еднинствениот погодок за „кралевите“ во 28-та минута.
Јувентус славеше против Лион на домашен терен со 2-1 со два гола на Кристијано Роналдо (во 43-та минута од пенал и во 60-та минута), но тоа не беше доволно за да се најде меѓу најдобрите осум екипи откако го загуби првиот дуел со 0-1 (францускиот клуб оди понатаму поради гол постигнат на гости). Мемфис Депај вечерва беше стрелец на клучниот погодок за Лион од пенал во 12-та минута.
Манчестер сити ќе се сретне со Лион во четврт-финалето на 15 август. Во останатите четвртфинални дуели играат Аталанта – ПСЖ (12 август) и Лајпциг – Атлетико Мадрид (13 август).
Утре се играат последните две осминафинални средби, во кои Барселона ќе го пречека Наполи на Елиф Елмас (прв меч 1-1), а Баерн е домаќин на Челси (прв дуел 3-0).