Страста за собирање сликички, пополнување на својот албум, правење попис на бројчиња што недостигаат, сортирање на дупликатите, бегање од часови, состанување со други колекционери, кои исто така собираат сликички за разменување, се најважните работи за страсните собирачи на сликичките „панини“, во пресрет на Светското фудбалско првенство во Русија. Колекционерската возбудата расте со секоја разменета сликичка и иако технологијата прави светското првенство да е блиску и пред нас, сликичките на „Панини“ прават неверојатен амбиент пред, за време, а и далеку по првенството тој амбиент да биде историја…
Имам, имам, имам, имам, е, немам… и така во недоглед или барем додека не заѕвони училишното ѕвонче за почеток на часот, а таму наставничката, која баш не сака сликички, ги одзема сите дупликати, кога ќе те фати како се менуваш со другарите. Ова е една од најредовните глетки деновиве низ училишните дворови низ светот.
Купување пакетчиња со сликички, пополнување на својот албум, правење попис на бројчиња што недостигаат, сортирање на дупликатите, бегање од часови и состанување со помалку-повеќе познати луѓе, колекционери, кои исто така собираат сликички за разменување, се најважните работи за страсните собирачи на сликичките „панини“, во пресрет на Светското фудбалско првенство во Русија (14 јуни-15 јули).
Најголемата страст што предизвикува треска кај колекционерите е, всушност, да го соберат албумот пред почетокот на првенството, но не е страшно и ако не се успее, може да го пополнат и за време на првенството, а и по него, со нарачка на сликичките што недостигаат.
– Љубовта кон ова хоби е голема и целосно уживам во масовните собири во Градскиот парк или кај некогашното „Чичко Стоилко“ каде што традиционално се разменуваат сликички. За разлика од порано, сега е многу полесно да се собере албумот и тоа благодарение на интернет-комуникациите. Порано се ставаа двојните сликички в џеб заедно со списокот на оние што недостигаа во албумот и се шеташе низ градот на потенцијалните места каде што се наоѓаат традиционалните менувачи – вели скопјанецот Никола Здравковски, еден од многуте страсни собирачи на албумите „Панини“.
Постои и еден куриозитет за сликичките „панини“. Имено, многу од колекционерите од повозрасната група се сеќаваат на деновите кога некои од сликичките биле менувани и за скапи плочи, дури и технички апарати, грамофони, касетофони… Вредноста на сликичките или, пак, поточно кажано, вредноста и длабочината на чувствата за нив беше навистина силна…
А сѐ почнало во Модена, кога браќата Бенито и Ѓузепе Панини се занимавале со дистрибуција на весници. Еден ден тие двајцата купиле колекција сликички, кои компанија од Милано не можела да ги продаде. Планот им бил да ги продаваат во пакетчиња по две за десет лири. И успеале да продадат три милиони пакетчиња!
Воодушевени од случајната работа што одлично ја реализирале, една година подоцна браќата ја основале компанијата „Панини“ со единствена цел правење и продажба на сликички. Првата година се продале 15 милиони пакетчиња, а во 1962 година дури 29 милиони. Следната година им се приклучиле уште два члена од семејството Франко и Умберто и името „Панини“ набрзо станало познато низ светот по овие сликички.
Во 1970 година „Панини“ почнал со издавање Илустриран алманах на италијанскиот фудбал (L’Almanacco Illustrato del Calcio Italiano). Таа година е важна од две причини – затоа што излезе првиот албум за СП и затоа што првпат светот виде самолепливи сликички.
Постојат многу малку работи во светот што можат да состават и зближат толку различни луѓе со само една заедничка страст, собирањето сликички. До почетокот на СП во Русија има помалку од два месеца, така што деновиве во полн ек се собирањето, лепењето и менувањето на сликичките. И овој пат, „Нова Македонија“, заедно со „Панини“ се погрижи на своите читатели да им даде подарок албум и сликички со кои светското првенство во Русија и моментите поминати во квалитетно заедничко дружење на колекционерите да останат незаборавен спомен на убавите времиња…
Пасија пренесена од татко ми
Собирам сликички откога помнам за себе. Оваа пасија ми ја пренесе татко ми, кој собирал албуми за светските фудбалски првенства уште од 80-тите години на минатиот век. Првиот албум што целосно го имам пополнето е за Светското првенство во Франција во 1998 година и оттогаш, па досега традиционално ги имам и ги чувам сите албуми, се сеќава Никола Здравковски, кој се надева дека и годинашниот албум ќе го пополни, зада ја продолжи убавата традиција.