Меѓу бројните голови, успеси и трофеи во богатата кариера на Горан Пандев (37), вечерашниот гол против Грузија, сигурно ќе остане забележан како најзначаен и најдраг, како за извонредниот капитен, така и за Македонија. Благодарение на погодокот на искусниот напаѓач во Тбилиси, Македонија го оствари сонот на кој чекаше 27 години. Пандев го стори токму она што се очекуваше од него, уште од почетоците во Струмица преку терените во италијанската Серија А, да ја одведе Македонија на едно големо фудбалско натпреварување.
Пандев се прослави во Лацио, со Интер стигна до тројната круна, освојувајќи ги италијанското првенство и купот, како и Лигата на шампионите во 2010 година, а минатата сезона беше клучен за Џенова во изборувањето опстанок во Серија А. Тој забележа особен успех во купот на Италија кој го освои вкупно пет пати (по двапати со Интер и со Наполи и еднаш со Лацио). Доказ за класата на Гранде Пандев се и постигнатите голови во секоја од 17-те сезони поминати во Италија, каде што стигна како 18-годишник од струмичка Беласица во 2001 година. А во Лигата на шампионите ги тресеше и мрежите на славните Реал и Баерн.
Тој вечерва се запиша со златни букви во историјата на македонскиот фудбал откако помина пат исполнет и со разочарувања по неуспесите во квалификациите, проследен и со неоправдано оспорување на неговиот учинок, по што накратко ја напушташе репрезентацијата. Но, искусниот напаѓач се врати кога беше најпотребно. Пандев сега ќе има заслужена прилика да ја круниса кариерата на Европското првенство в година, играјќи во црвено-жолтиот дрес на Македонија. Во радоста по обезбедениот пласман на континенталниот шампионат, селекторот Игор Ангеловски го нарече херојот од Тбилиси, Горан Велики. Така ќе биде и запаметен засекогаш.