Дискусиите за формирање на европската суперлига, која би ги вклучила врвните тимови од континентот, сѐ уште се во рана фаза
Предложената европска фудбалска суперлига е резултат на „себичност и на алчност“, изјави потпретседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Португалецот Фернандо Гомеш, откако минатата недела беше откриено дека се воделе разговори за создавање ново натпреварување вредно пет милијарди евра, пренесува „Би-би-си“.
Претседателот на Барселона, кој поднесе оставка, Жoзеп Марија Бартомеу, изјави дека клубот почнал постапка за влез во таа лига.
– Тоа е кршење на сите принципи на спортска заслуга. Тоа би било самопрогласен привилегиран клуб – истакнува Гомеш.
Дискусиите за формирање на европската суперлига, која би ги вклучила врвните тимови од континентот, сѐ уште се во рана фаза. Но Гомеш вели дека во неговата родна Португалија таквиот проект нема никаква поддршка.
– Тоа заслужува мое одбивање, затоа што светот во моментов е пред еден од најголемите предизвици, а последното нешто што му треба е поголема себичност и алчност. Според мое мислење, сите раководни тела треба да го одбијат тоа на многу јасен начин – додава тој.
Поранешниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер, изјави дека предложената суперлига би ѝ нанела сериозен удар на Премиер-лигата.
– Другите лиги се обидуваат да ја достигнат предноста што ја има Премиер-лигата. За нив најдоброто нешто во врска со тоа е да создадат европска лига. Доколку се договорат со големите англиски клубови, тоа ќе се случи – изјави Венгер за весникот „Гардијан“.
Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) соопшти дека не е запознаена со какви било договори за формирањето европска суперлига.
– Темата на таканаречената европска суперлига се појавува одвреме-навреме, но ФИФА не сака да коментира понатаму за ова, оти веќе постојат добро воспоставени фудбалски институционални структури за справување со тоа – велат од ФИФА.