Експертите предвидуваат големи промени во наредните недели и месеци и велат дека деновите на големо трошење, големи трансфери и астрономски плати ќе причекаат, се вели со статијата на интернет-порталот „Гол“
Фудбалските клубови во Европа ќе мора да бидат поштедливи во следните преодни рокови, бидејќи пандемијата на коронавирусот им нанесе големи финансиски штети. За многу клубови во светот преживувањето ќе биде предизвик. Ќе има намалување на трошоците, ќе има загуби, ќе има и тешки деловни одлуки што ќе треба да се донесат. Тоа сигурно ќе се одрази и на трансфер-пазарот. Експертите предвидуваат големи промени во наредните недели и месеци и велат дека деновите на големо трошење, големи трансфери и астрономски плати ќе причекаат барем неколку години, се вели со статијата на интернет-порталот „Гол“ (goal.com).
– Ковид-19 има потенцијал да биде највлијателната работа на трансфер-пазарот повеќе години. Последиците може да доведат до промена на погледите на сите фудбалски фактори во однос на платите на играчите и на трансферите. Целата индустрија, особено вредноста на играчите, може да изгледа сосема поинаку – вели Тиран Гунавардена, специјалист за спортски правни работи во адвокатската фирма „Милс и Рив“.
Со Гунавардена се согласуваат многумина, а сликата, генерално, е алармантна.
– Долг ќе биде патот назад, многу работи ќе се променат. Сите чекаат да видат колку ќе биде големо влијанието и колку долго ќе трае – вели агент на голем број играчи низ цела Европа.
Фудбалот, барем на највисоко ниво, никогаш не бил побогат, но, сепак, се очекува да страдаат дури и најпрофитабилните клубови. Тие се погодени од немањето приходи од натпреварите, од намалените спонзорски пари и, потенцијално, од приходите од ТВ-правата. Ед Вудвард, извршниот потпретседател на Манчестер јунајтед, пред извесно време изјави дека „шпекулациите за трансферите на одделни играчи за стотици милиони фунти ова лето се чини ги игнорираат реалностите со кои се соочува овој спорт“. Тој поглед на работите одекнува низ цела Европа. Ули Хенес, поранешниот претседател на Баерн, за „Кикер“ изјави дека „не може да замисли во наредните години да има договори вредни 100 милиони евра“. А во Италија спортскиот директор на Јувентус, Фабио Паратичи, на „Тутопорт“ му рече дека „ќе има многу размени на играчи, што ќе го направи фудбалот сличен на НБА-лигата“.
Спортскиот директор на Удинезе, Пјерпаоло Марино, додаде дека „тоа ќе биде пазар на рецесија, играч со цена од 50 милиони ќе чини 30 милиони евра“. Тоа, од друга страна, би можело да значи и помалку трансфери. Тони Блум, газдата на Брајтон, верува дека ова „можеби нема да биде најдобриот преоден рок за продажба на играчи“.
Уште не е јасно кога ќе почне летниот преоден рок. Но речиси е сигурно дека ќе изостанат големите зделки. Демијан Комоли, поранешен спортски директор на Тотенхем и на Ливерпул, за „Скај спорт“ изјави дека „можеби само три клуба во Премиер-лигата“ ќе бидат подготвени или способни да потрошат поголеми суми летово. Тој додава дека некаков трансфер сличен на оној на Нејмар од Барселона во ПСЖ пред неколку години може да ги охрабри клубовите да направат слични потези. Но се чини дека Нејмар најверојатно ќе остане најскапиот играч во светот уште неколку години.