ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Во фудбалската Лига на шампионите вечерва на програмата се осум натпревари од петтото коло во групите Е, Ф, Г и Х што ќе решаваат кои тимови ќе си обезбедат пласман во следната нокаут-фаза. Севилја и Челси се веќе меѓу 16-те најдобри, како и Јувентус и Барселона, но затоа во Дортмунд, Борусија и Лацио во директната пресметка ќе одлучат која екипа, по ова коло, ќе им се придружи на погоре споменатите тимови.
Борусија во нападот го има Ерлинг Холанд (20), кој сезонава постигна шест гола (во просек 1,5 по натпревар), најмногу од сите. Надежите на гостите се во Чиро Имобиле (30), кој постигна три гола, но на само два меча бидејќи на другите два не настапи поради позитивниот тест на ковид-19. Имобиле се враќа на стадионот „Вестфален“ каде што одигра една сезона (2014/2015). Имобиле, кој постигна вкупно 12 гола во ЛШ, лани беше најефикасен во Серија А, и во Европа, со 36 гола. Во сезоната 2017/2018 тој беше најефикасен во Лига Европа (ЛЕ) со осум гола на девет натпревари.
Еден од поинтересните дерби-дуели ќе се игра на „Олд Трафорд“ каде што Манчестер јунајтед го пречекува ПСЖ. На домаќините од овој натпревар им е доволен и еден бод за пласман понатаму.
Фрапар прва жена судија во историјата на ЛШ за мажи
Французинката Стефани Фрапар ќе биде првата жена што ќе ја дели правдата на натпревар во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) за мажи, на вечерашниот дуел во Торино, Јувентус – Динамо Киев, објави „Ројтерс“. Фрапар, која на 14 декември ќе наполни 37 години, беше првата жена што судеше на големо натпреварување на УЕФА за мажи, во Суперкупот на УЕФА лани во Истанбул, помеѓу европскиот првак Ливерпул и победникот во Лига Европа (ЛЕ), Челси.
Таа судеше и во финалето на Светското првенство (СП) за жени во 2019 година, на дуелот САД – Холандија, и стана првата жена судија во француската Лига 1, во април минатата година, на мечот Амиен – Стразбур. Во октомври годинава таа дебитира во ЛЕ, со делењето на правдата на мечот Лестер – Зорја. Швајцарката Никол Петиња беше првата жена што судеше на натпревари на УЕФА за мажи, на три квалификациски меча во Купот на УЕФА од 2004 година.
ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА
Група Е: Севилја – Челси, Краснодар – Рен. Табела: Челси и Севилја по 10, Краснодар и Рен по 1.
Група Ф: Борусија Д. – Лацио, Бриж – Зенит. Табела: Борусија 9, Лацио 8, Бриж 4, Зенит 1.
Група Г: Јувентус – Динамо К., Ференцварош – Барселона. Табела: Барселона 12, Јувентус 9, Динамо и Ференцварош по 1.
Група Х: Манчестер Ј. – ПСЖ, Башакшехир – Лајпциг. Табела: Манчестер 9, ПСЖ и Лајпциг по 6, Башакшехир 3.