Поранешниот фудбалер на Тотенхем и на Англија, Ходл, беше талентиран фудбалер, кој играше на европски, не на англиски начин, триесетина години пред фудбалот во таа земја да ги сфати неговата визија и креативност
Поранешниот селектор на Англија и фудбалер на Тотенхем, Глен Ходл, во интервјуто за весникот „Гардијан“ зборува за тоа како Арсен Венгер го инспирирал да биде тренер, неговата „тврдоглавост“ како надарен играч и срцевиот удар што за малку ќе го чинеше живот во 2018 година. „Имав храброст“, вели Ходл (64), кој беше талентиран фудбалер, кој играше на европски, не на англиски начин, триесетина години пред фудбалот во таа земја да ги сфати неговата визија и креативност.
– Имав силна верба во моите способности. Бев многу тврдоглав. Бев многу срамежлив, но кога станува збор за фудбалот, го правев она што беше природно за мене. Ако луѓето не ме разбираат, нека биде така. Можеби, да бев Холанѓанец, Французин или Шпанец, ќе беше многу поинаку. Кога конечно отидов во странство да играм за Монако, од 1987 до 1991 година, во тимот предводен од Венгер, сфатив дека „десетката“ е мојата главна позиција. Играв еднаш на таа позиција за Англија (против Унгарија во 1983 година, постигна еден гол и асистира за други два гола) – се потсетува Ходл, кој играше за Тотенхем, неговиот клуб од детството, помеѓу 1975 и 1987 година.
Неговиот раскошен талент со префинета техника се судри со бруталната сила на англискиот фудбал во ерата на тактики со долги топки. Тој беше исмејуван исто толку колку што беше почитуван. Но остана доследен на себе. Во автобиографијата „Плејмејкер“, Ходл вели дека се чувствувал „задушено“ играјќи за Англија, велејќи: „Ни требаше цела вечност да промениме нешто“.
– Секогаш беше ригидниот 4-4-2 систем, а јас играв по десната страна за Англија. Дури и за Тотенхем не играв онаму каде што требаше, сѐ до сезоната кога Клајв Ален постигна 49 гола, а јас бев десетка – вели тој.
Ходл беше човек надвор од своето време. „Јас го знаев тоа, но не можев да го кажам како играч“. Луѓето велеа: „Требаше да одиграш повеќе од 53 натпревари за Англија“, а мојот одговор секогаш беше мошне благ и непоколеблив: „Горд сум на тие 53 што ги одиграв“. „Но длабоко во себе знаев дека сум континентален играч. Или попушташ и одиш против своите инстинкти, или се бориш против тоа“, вели Ходл.
Во книгата, Ходл жали за фактот што „нашиот островски менталитет застана на патот на напредокот“.
– Се отворав духовно. Мојата интуиција за врската со Венгер ми кажа дека тоа е вистинскиот потег. Тој сакаше да играм како број 10 и јас уживав во секоја минута кога бев со Арсен и кога ја освоивме лигата во првата заедничка година – вели тој за средбата и соработката со Венгер во Монако.
Венгер го разгори тренерскиот оган во него и на првата менаџерска позиција Ходл направи исклучителна работа во Свиндон. Тој им помогна да стигнат до Премиер-лигата во сезоната 1993/94. Тоа, како што вели, му е најсреќниот период како менаџер со тим што „имаше нешто што мислам дека не сум го видел ниту во Барселона, можеби во Манчестер сити. Тоа беше неверојатно“. Но клубот толку немаше пари што Ходл мораше да му позајми 200.000 фунти за да го купи Шон Тејлор, дефанзивецот од Ексетер. „Никогаш не сум раководел со клуб што имал пари. Тотенхем немаше пари, Саутемптон немаше, ниту пак Челси кога јас пристигнав во 1993 година“.
Во 1996 година, по само три години од почетокот на менаџерската кариера на „Стамфорд бриџ“, Ходл беше изненаден што му беше понудена работа како селектор на Англија. Тој се снајде добро, особено како млад тренер, Англија играше добар фудбал, пред да загуби на пенали од Аргентина на Светското првенство (СП) во 1998 година. Тоа е натпревар што Ходл не може повторно да го гледа затоа што верува дека, доколку ја победиле Аргентина, имале тим со потенцијал да го освои турнирот.