Лигата се надева дека првите тест-настани би се одржале во август, можеби и кон крајот на јули, за да се види дали системот за употреба на податоците за тестирање и на податоците за антитела е одржлив, по што гледачите би добиле индивидуален здравствен пасош, со кој ќе се осигурат дека не се носители на вирусот, пишува „Телеграф“

ФУДБАЛ

Англиската фудбалска Премиер-лига е уверена дека може да воведе дигитален здравствен пасошки систем за да им овозможи на гледачите наскоро да се вратат на стадионите, во рамките на т.н. „фаза пет“ од протоколите. Лигата се надева дека првите тест-настани би се одржале во август, можеби веќе и кон крајот на јули, за да се види дали системот за употреба на податоците за тестирање и на податоците за антитела е одржлив, по што гледачите би добиле индивидуален здравствен пасош, со кој ќе се осигурат дека не се носители на вирусот, пишува британскиот весник „Телеграф“.
Владата е задоволна од начинот на кој се врати фудбалот по паузата и како англиската Премиер-лига го организира „Проектот за рестартирање“. Сега се очекува да им се овозможи на гледачите да се вратат на стадионите за натпреварите, што е од витално значење за опстанокот на овој спорт. Враќањето ќе биде постепено и ограничено, иако се намалија првичните стравувања дека натпреварите ќе се играат зад затворени врати до почетокот на следната година.

Сега расте оптимизмот дека на гледачите ќе им се дозволи да се најдат на трибините до крајот на септември или во почетокот на октомври. Првиот човек на Премиер-лигата, Ричард Мастерс, потврди дека веќе почнале разговори со Владата за такво нешто.
– Во Премиер-лигата повторно се игра фудбал, но нема да бидеме задоволни сѐ додека не ги вратиме гледачите на стадионите што е можно поскоро, кога ќе биде безбедно – изјави Мастерс.
Олеснувањето на мерката за физичка дистанца од два на еден метар е клучна, но најголема загриженост претставуваат патувањата на гледачите низ целата земја, како и доаѓањето, заминувањето, влегувањето и излегувањето од стадионите. Фактот дека тие ќе седат на отворено помага иако постои загриженост, затоа што викаат и пеат, така што, барем во почетокот, услов би било носењето маски, пишува „Телеграф“.

Фудбалот е „авангардата“ на враќањето на спортот во нормала, со повеќе од 20.000 теста за коронавирус од кои во последната рунда немаше позитивни резултати. Сите клубови, особено оние од пониските лиги, се многу заинтересирани за враќањето на гледачите на трибините. Од телевизијата доаѓаат најмногу пари за клубовите, но приходите од денот на играње на натпреварите уште се значајни и ќе имаат директен ефект врз трошењето на клубовите во следниот преоден рок.
– Нѐ очекува чуден преоден рок и јас не очекувам многу големи трансфери. Навистина не знаеме каков ќе биде пазарот летово – вели менаџерот на Јунајтед, Оле Гунар Солскјер.