Стадионот „Викторија“

Фудбалската селекција на Гибралтар досега официјалните домашни мечеви ги играше во Португалија, сега е подготвен стадионот „Викторија“, со капацитет за 2.000 гледачи, на чие место наскоро треба да никне и нов модерен национален стадион со 8.000 места

На натпреварот со Македонија неделава фудбалската репрезентација на Гибралтар конечно ќе заигра дома во еден официјален натпревар. Стадионот „Викторија“ е местото каде што треба да се одигра дуелот од 1. коло од новоформираната Лига на нации на Европската фудбалска унија (УЕФА), во рамките на Лига Д.

Гибралтар репрезентативните натпревари во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2016 година и за Светското првенство годинава ги играше на неутрален терен, на југот од Португалија, на стадионот на Алгарве, во Фаро-Лул. Тој стадион е со капацитет од 30.000 места и е изграден во 2003 година, пред Европското првенство во 2004 година, кое се одржа во Португалија. На тој стадион минатата есен, во квалификациски натпревар за ЕП 2019, младата селекција на Гибралтар ја пречека и репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 21 година (1-0).

Макета на идниот национален стадион

На стадионот „Викторија“, кој има капацитет од 2.000 места и терен со вештачка трева, Гибралтар досега играше само пријателски натпревари. Така, во март годинава на тој стадион ја победи Летонија, пред 1.306 гледачи, со 1-0, со голот на некогашниот фудбалер на Портсмут, Лиам Вокер во 88. минута. Тоа беше првата победа на Гибралтар дома, откако е член на Светската фудбалска федерација (ФИФА).

Претходно Гибралтар на тој стадион ремизира без голови со Лихтенштајн и загуби од Летонија со 0-5 во 2016 година, а двапати загуби во 2014 година, од Фарските Острови со 1-4 и од Естонија со 0-2. Гибралтар е член на ФИФА од 2013 година. Во Фаро-Лул Гибралтар има само една победа, над Малта, во тест-меч, во 2014 година.
Фудбалската репрезентација на Гибралтар по мечот со Македонија на домашен терен ќе ги игра и официјалните натпревари. Фудбалската асоцијација (ФА) во јуни објави дека е во план изградба и на нов национален стадион, на местото на сегашниот стадион „Викторија“ (неодамна откупен од Владата на таа земја), кој би имал капацитет од 8.000 места, со покрив над сите трибини и според стандардите на УЕФА и на ФИФА би бил стадион од категорија 4.

Од другите противници на Македонија во Лигата на нации, Ерменија репрезентативните натпревари ги игра на Републиканскиот стадион во Ереван, кој е со капацитет од 14.403 места. Тој е изграден во 1935 година, потоа неколкупати е реконструиран. Селекцијата на Лихтенштајн, пак, го има стадионот „Рајнпарк“ во Вадуц, кој е со капацитет од 7.584 места, а е изграден во 1998 година, една година откако Македонија го победи Лихтенштајн со 11-1, во квалификациите за СП 1998, на друг стадион во таа земја.


Од денеска собир на Гибралтар

Фудбалската репрезентација на Македонија, според претходната најава, од денеска треба да почне да се собира директно во Гибралтар, за претстојниот меч со селекцијата на таа земја во 1. коло од Лигата на нациите, в четврток. Селекторот Игор Ангеловски за овој дуел повика 18 фудбалери (од првичниот список отпадна повредениот Аријан Адеми, а на негово место е повикан Кристијан Тошевски).
Македонија е во Лига Д, во која има четири групи. Во групата 4 се и Лихтенштајн и Ерменија. Победниците на четирите групи ќе се пласираат во Лига Ц, а потоа ќе играат и плејоф, од каде што победникот ќе се пласира на Европското првенство во 2020 година.
Ангеловски смета на голманите Столе Димитриевски и Давид Митов Нилсон, на одбранбените фудбалери Стефан Ристовски, Висар Муслиу, Егзон Бејтулаи, Кире Ристевски, Дарко Велковски, Мите Цикарски и Кристијан Тошевски, потоа на плејмејкерите Енис Барди, Стефан Спировски, Бобан Николов, Езгјан Алиоски и Елиф Елмас, како и на напаѓачите Горан Пандев, Илија Несторовски, Александар Трајковски и Иван Тричковски.