Германските фудбалски навивачи бараат иновативни начини како да ги бодрат своите клубови, откако, како што се најавува, следниот месец во Бундес-лигата ќе продолжат натпреварите зад затворени врати. Германската фудбалска лига (ДФЛ) планира натпреварите да продолжат на 9 мај. Големите јавни настани се забранети во поголемиот дел од Германија до 31 август, и на ДФЛ ќе ѝ треба специјална дозвола од Владата за продолжување на шампионатот.
За да бидат подготвени за потенцијалното рестартирање, 18-те клуба во Бундес-лигата веќе три недели тренираат, а навивачите смислуваат начини како да го бодрат својот тим без да стапнат на трибините. Навивачите на Борусија Менхенгладбах за 19 евра ќе може да имаат картонска фигура во природна големина на трибините, во боите на клубот.
– Имаме над 6.500 нарачки. Тоа е над сите очекувања – вели Томас Лудвиг, претседател на Фанпроект Менхенгладбах (ФПМГ), автор на таа идеја.
Крилниот напаѓач на Борусија, Патрик Херман, изјави дека таквите фигури на трибините на играчите им биле голема морална поддршка за време на тренинзите. Навивачите на ривалскиот Келн планираат дел од стадионот да го покријат со транспаренти и со клупски знамиња.
– Постојат различни идеи за тоа како да го украсиме стадионот и во тоа сакаме да ги вклучиме и навивачите – изјави директорот на Келн, Александар Верле, за германскиот весник „Билд“.
Сепак, стравот кај клубовите, политичарите и полицијата е дека за време на одигрувањето на натпреварите навивачите ќе се собираат надвор од стадионите за да го поддржат својот тим и покрај забраната за јавни собирања.
Баерн најави дека ќе преземе мерки за да ги спречи навивачите да се собираат пред арената „Алијанц“ во Минхен, за време на натпреварите. Едно од можните решенија би можело да биде идејата на данскиот Митјиланд, кој планира паркингот пред нивниот стадион, на кој може да се сместат и до 2.000 автомобили, да го претвори во „кино на отворено“ каде што ќе се прикажуваат натпреварите во живо, со радиокоментар.
Кристијан Рамрат, претседател на навивачки клуб на Борусија Дортмунд, за „Билд“ изјави дека мечевите без публика не се она што многумина го сакаат. Но доколку продолжат натпреварите во Бундес-лигата, Рамрат планира натпреварите, со другите навивачи на Дортмунд, да ги гледа преку Скајп или евентуално преку „кино на отворено“ во Есен.