Германците ја совладаа Шведска со 2-1 со голот на Тони Крос во 95-та минута, прва победа за нив на СП 2018, со која останаа во игра за одбрана на трофејот од СП 2014
Бранителот на титулата, Германија, со голот на Тони Крос во 95-та минута (17 секунди пред истекот на времето) во вистински трилер-меч, забележа победа на Шведска (2-1), прва за нив на фудбалското Светско првенство (СП) во Русија (во првото коло загубија од Мексико, 0-1). Со оваа победа Германија повторно е во игра за одбрана на трофејот, но за тоа им е потребна победа во третото коло над Јужна Кореја. Бразил беше последниот што во 1962 година ја одбранил титулата од претходното СП.
Германците се спасија во последен момент, што се вели, бидејќи само со еден бод од овој меч ќе беа на прагот на елиминација. Тие го избегнаа вториот пораз едноподруго на СП, по она во 1958 година во Шведска, и се спасија од прерана елиминација (засега), четврта за бранителите на титулата на последните пет шампионати, по Франција (2002), Италија (2010) и Шпанија (2014).
И како по обичај, Германците се тие што постигнуваат голови во последните мигови, и неретко загубениот меч го претвораат во добитнички. Последен пат такво нешто им појде од нозе на минатото СП 2014 во Бразил. Во финалето против Аргентина, откако по 90-те минути беше 0-0, во продолжението, Марио Геце во 113-та минута го постигна победоносниот гол за четврта светска титула за Германија по осумте одиграни финалиња.
За Германците со право ли не, важи изреката дека најчесто тие победуваат на фудбалските натпревари. Во продолжение ќе ве потсетиме на неколку незаборавни нивни триумфи на СП, но и на некои порази во решавачките натпревари, кои покажуваат дека, сепак, не се непобедливи.
На СП 1954 во Швајцарија, тогашна Западна Германија (не)очекувано стигна до финалето и до мечот со големиот фаворит Унгарија, предводена од Ференц Пушкаш. По осум минути игра беше 2-0 за Унгарија, но во 10-та Германците намалија на 1-2. Во вторите 45 минути Германците дадоа уште два гола и очекуваниот пораз го претворија во голем триумф, наречен и „Чудото во Берн“. Во 1982 година, на СП во Шпанија, во полуфиналето беа во негатива од два гола против Франција во продолженијата (1-3), но набрзина израмнија на 3-3 и потоа на пенали се пласираа во финалето во кое загубија од Италија, 1-3. На СП 1990-та во Италија, во полуфиналето Германците беа подобри изведувачи на пенали од Англичаните (4-3) и на крајот победија во финалето, над Аргентина, 1-0. Спротивно на овие примери за волјата и непобедливоста на Германците се неколкуте примери од дуелите со Италијанците против кои не „им оди“. Најсвежо е полуфиналето од СП 2006 во Германија во кое Италија победи со 2-0 со двата гола дадени во 119-та и во 120-та минута! Освен тој меч, во аналите на СП е влезен и триумфот на „аѕурите“ во полуфиналето на СП 1970 во Мексико, 4-3.
Тони Крос рекордни 144 пати ја допре топката
Педантните статистичари пресметале дека Тони Крос (28), стрелецот на победоносниот гол за Германија на мечот против Шведска (2-1) во 2-то коло на фудбалското Светско првенство во саботата, имал 144 допири со топката, најмногу за еден германски играч по СП 1966 година. Голот на Крос во 94-та минута и 42 секунди е најдоцна постигнат во историјата на германскиот фудбал, не сметајќи ги продолженијата од двапати по 15 минути. Крос во Шпанија, каде што настапува за Реал Мадрид, го нарекуваат „хирургот“ поради неговите точни додавања, а еден новинар на Марка го нарече и „човек оркестар“.