Во моментот кога овој оган или желба ќе ги снема и јас нема да можам да дадам повеќе и нема да можам да им го дадам на играчите најдоброто што можам за да освојуваме повеќе титули, ќе се повлечам, рече Гвардиола

ФУДБАЛ – ШПАНСКИОТ ТРЕНЕР ГО ПРОДОЛЖИ ДОГОВОРОТ СО МАНЧЕСТЕР СИТИ

Пеп Гвардиола (49) потпиша нов двегодишен договор со кој ќе остане менаџер на англискиот фудбалски премиерлигаш Манчестер сити до летото во 2023 година. Шпанскиот тренер освои две титули во Премиер-лигата, трофеј во ФА-купот и три во Лига-купот од приклучувањето на клубот во 2016 година.
– Заедно постигнавме многу, постигнавме голови, победувавме во мечеви и освојувавме трофеи и сите сме многу горди на тој успех. Да се има таков вид поддршка е најдоброто нешто што може да го има секој менаџер – изјави Гвардиола за интернет-страницата на Сити, пренесе „Би-би-си“.
Претходниот договор на поранешниот менаџер на Барселона и на Баерн Минхен требаше да истече на крајот на сезонава. Актуелниот петгодишен престој на Гвардиола е веќе најдолгиот мандат што го имал во еден тим, откако стана тренер во 2008 година.
Доколку го одработи договорот, Шпанецот ќе го престигне Џо Мерсер и ќе застане на второто место во клубот за најдолготрајните повоени менаџери, зад Лес Мекдоул, кој ја презеде должноста на 592 натпревари помеѓу 1950 и 1963 година, пишува „Би-би-си“.

Вкупно Сити победи на 181 од 245 натпревари под водство на Гвардиола, со процент на победи од 73,87.
– Уште имам енергија, имам желба да бидам менаџер и да работам со овие играчи и тоа е причината зошто продолжувам. Договорот е парче хартија. Во моментот кога овој оган или желба ќе ги снема и јас нема да можам да дадам повеќе и нема да можам да им го дадам на играчите најдоброто што можам за да освојуваме повеќе титули, ќе се повлечам. Клубот ќе разбере – рече Гвардиола, пренесе „Гардијан“.