Прославениот фудбалски тренер Пеп Гвардиола првпат со Манчестер сити избори пласман во полуфиналето на Лигата на шампионите (ЛШ), откако ја елиминира Борусија Дортмунд со вкупен резултат од 4-2 во четврт-финалниот двомеч, по вечерашната победа од 2-1 на гости. Борусија дојде во водство преку Џуд Белингам во 15-та минута, но Сити направи пресврт преку Ријад Марез од пенал во 55-та минута и Фил Фоден во 75-та минута.
„Граѓаните“ во претходните четири сезони под водство на Гвардиола трипати испаднаа во четврт-финалето на ЛШ (од Лион, Тотенхем и од Ливерпул) и еднаш во осминафиналето од Монако. Во тој период клубот потроши 750 милиони фунти на засилувања, но уште чека на трофејот од престижното натпреварување.
Гвардиола претходно двапати беше европски клупски првак како тренер на Барселона, во 2009 и во 2011 година, и еднаш како играч на Каталонците во 1992 година (во тогашниот Куп на европските шампиони). Згора, Гвардиола вечерва по осми пат во тренерската кариера се пласира во полуфиналето на ЛШ, изедначувајќи го рекордот на Жозе Мурињо.
Манчестер сити во полуфиналето ќе игра против Пари Сен Жермен, додека во второто полуфинале ќе се сретнат Реал Мадрид и Челси. Реал Мадрид вечерва ремизираше со Ливерпул 0-0 на гости, по што отиде понатаму со вкупен резултат од 3-1 во двомечот. Првите полуфинални мечеви се закажани за 27/28 април, додека реваншите ќе се играат на 4/5 мај.