Манчестер сити сега има 20 триумфи во низа во сите натпреварувања. За менаџерот Пеп Гвардиола тоа беше 500-от триумф во кариерата на тренерската клупа, 200-от како менаџер на Сити
ФУДБАЛ – АНГЛИЈА
Манчестер сити забележа победа над Вест хем со 2-0, рекордна 20-та по ред (14-та во Премиер-лигата), или 27. фудбалски натпревар без пораз во сите конкуренции (24 победи и три ремија), еден помалку од рекордните 28 за клубот.
За менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, ова беше 500-та победа во тренерската кариерата, а 200-та (132 во Премиер-лигата) за него како тренер на Манчестер сити на 273 меча, на најмалку натпревари за еден менаџер во најквалитетната лига на Англија. Како тренер на Барселона, тој прокнижи 179, а како кормилар на Баерн 121 победа.
– Да се победи на 20 меча по ред во овој период од сезоната мислам дека може да биде нашето најголемо достигнување во нашите кариери. Математиката е важна на крајот на сезоната, уште не сме ја освоиле титулата, уште е зима, на секои три дена играме натпревари, ситуација со ковид-19, повреди…. победи, победи, победи, тоа покажува колку сме силни ментално – изјави Гвардиола за „БТ спорт“.
Манчестер сити сега има 22 бода повеќе од Ливерпул, откако лани во оваа фаза имаше 22 помалку.
– Знам дека Ливерпул има помалку бодови од минатата сезона, не знам колку. Тоа е добра лекција за сите нас, дека не е важно она што сте го направиле во минатото. Она што го сторивме сега не е гаранција дека ќе ни помогне да го победиме Вулверхемптон на следниот меч – вели Гвардиола.