Тој е играч за кого се потребни само неколку минути за да го видите неговиот природен фудбалски талент, рече Ши, претседателот на Вулверхемптон
ФУДБАЛ – АНГЛИЈА
Англискиот фудбалски премиерлигаш Вулверхемптон го собори сопствениот рекорд во трансфер за да потпише со португалскиот играч Фабио Силва, плаќајќи му на Порто 35 милиони фунти за 18-годишник со огромна репутација, пишува британскиот весник „Индепендент“. Силва важи за еден од најдобрите тинејџерски таленти во светскиот фудбал.
Минатата сезона тој оствари девет настапи за Порто во домашното првенство, постигнувајќи еден гол, а на меѓународно ниво импресионира на големите младински турнири. Тој потпиша петгодишен договор, а претседателот на „Волците“, Џеф Ши, е убеден дека Силва може да има влијание врз составот, кој во минатата сезона имаше одличен настап со пласман и во четврт-финалето на Лига Европа.
– Го следевме развојот на Фабио подолго време. Тој е фудбалер за кого се потребни само неколку минути за да го видите неговиот природен фудбалски талент. Фабио се развиваше многу брзо и сега се докажа во првиот тим на Порто, кој е врвен состав. Барањето на нашиот главен тренер за квалитет е многу високо, но тој смета дека Фабио е важен трансфер, кој ќе му помогне на тимот веднаш сезонава. Моментот на овој трансфер е сличен на времето кога го купивме Рубен Невес, чекавме за вистинското време да добиеме висококвалитетен играч по соодветна цена – рече Ши за официјалната интернет-страница на клубот.