Во УЕФА за правилото воведено во 1965 година дискутирале Мурињо, Емери, Фонсека, Венгер, Алегри, Лопетеги, Анчелоти, Тухел…
Врвни евроски тренери побараа на годишниот останок на Европската фудбалска унија (УЕФА) да биде одново разгледано правилото т.н. „гол на гости“, за предност на тимот со постигнати повеќе голови на гости во нокаут-мечевите во европските клупски натпреварувања. Покрај тоа, тие од УЕФА побарале и преодните рокови во најсилните европски домашни првенства да завршуваат во ист ден.
– Тренерите сметаат дека да се постигне гол на гостински терен не е толку тешко колку што било во минатото. Тие сметаат дека тоа правило треба да биде одново разгледано и ние тоа и ќе го направиме – изјави Џорџо Маркети, заменик-генерален секретар на УЕФА, по состанокот во Швајцарија.
На состанокот присуствувале Масимилијано Алегри (Јувентус), Карло Анчелоти (Наполи), Унаи Емери (Арсенал), Пауло Фонсека (Шахтер), Хулен Лопетеги (Реал Мадрид), Жозе Мурињо (Манчестер јунајтед), Томас Тухел (ПСЖ), поранешниот долгогодишен менаџер на Арсенал, Арсен Венгер, итн.
Правилото за гол на гости беше воведено во 1965 година, во некогашниот Куп на европските куп-победници, како алтернатива на фрлањето паричка за да се одреди победникот на еден нерешен дуел по два меча или играњето трет натпревар на неутрален терен. Според тоа правило, при вкупен нерешен резултат победник ќе биде тимот што постигнал повеќе голови на гости.
Маркети вели дека тренерите чувствувале дека сега правилото е и контрапродуктивно, и тоа, и покрај тоа што е стимулативно за гостинските тимови да напаѓаат, ги наведе домашните тимови да се бранат за да не примат скапоцен гол. Генерално, правилото се употребува и за продолженијата во реваншот, ако двата тима постигнале еднаков број голови на гости, но во некои натпреварувања низ светот тоа важи само до 90 минута, а продолженијата се сметаат како посебен дел, па евентуалните голови имаат иста важност.
За преодните рокови Маркети вели дека тренерите сакаат повеќе земји да ги следат примерите на Англија и на Италија и преодниот рок да заврши пред почетокот на 1. коло од новата сезона. Во Шпанија, Германија и во Франција преодните рокови траат до крајот на август.