Во двете најсилни фудбалски лиги во Шпанија, Ла лига и Лига 2, по препорака од Министерството за здравство и спортскиот совет, натпреварите во наредните две недели, најрано до 22 март, ќе се играат зад затворени врати, поради опасноста од ширењето на коронавирусот. Во Италија, пак, Владата ги суспендира сите спортски натпревари до 3 април. Оваа одлука важи и за натпреварите во најквалитетната фудбалска лига, Серија А, но не и за италијанските клубови или национални тимови, кои учествуваат во меѓународните натпреварувања. Натпреварите од минатото коло во Серија А се играа зад затворени врати. 


Во Азија одложени квалификациите за СП 2022

По консултациите со асоцијациите-членки, Светската фудбалска федерација (ФИФА) и Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ) се согласија да ги одложат претстојните азиски квалификации за Светското првенство во 2022 година. Така, натпреварите првично закажани да се одржат од 23 до 31 март и од 1 до 9 јуни годинава се одложени за подоцнежни датуми, јави ФИФА. Меѓутоа, за да се поддржат засегнатите земји-членки, и под услов безбедноста на сите инволвирани лица да ги исполнува потребните стандарди и дека земјите-членки што треба да играат меѓусебно се согласиле, може да се одиграат мечевите во март или во јуни, но секогаш ќе бидат предмет на претходно одобрување и од ФИФА и од АФЦ, пишува на интернет-страницата на ФИФА.


Завршницата на СК во скијање во Крањска Гора без гледачи

Нема да има гледачи на последните две трки од Светскиот куп (СК) во скијање за мажи сезонава, во слалом и во велеслалом, викендов во Крањска Гора, Словенија, каде што ќе се решава за вкупниот победник во СК.
– Поради здравствената состојба во Европа и последните две недели во Словенија, Националниот совет за безбедност одлучи секоја спортска манифестација со над 500 учесници да се одржува без публика – соопштија организаторите.
Крањска Гора е оддалечена само седум километри од италијанската граница. Словенечката влада објави дека има „16 потврдени инфекции на коронавирус“.
Тројца скијачи се во конкуренција за освојување на големиот кристален глобус за вкупниот победник. Норвежанецот Александер Амот Килде има 1.202 поени, 54 повеќе од Французинот Алексис Пинтуро и 161 повеќе од вториот Норвежанец, Хенрик Кристоферсен. Килде е специјалист за брзите трки, а двајцата ривали се најсилни во техничките, во слалом и велеслалом, што значи дека ќе биде многу неизвесно. Л.Д.