Повеќе од половината фудбалери (шестмина) во најдобриот тим за 2018 година што го избраа над 1,8 милион љубители на фудбалот во едномесечното гласањето, кое преку интернет-страницата го спроведе Европската фудбалска унија (УЕФА), се од шпанската Ла лига. Тројца настапуваат во англиската Премиер-лига и по еден во француската Лига 1 и во италијанската Серија А.
Најмногу играчи има од актуелниот европски првак и најтрофеен со 13 титули, Реал Мадрид, дури четворица. Тоа се Лука Модриќ, Серхио Рамос, Рафаел Варан и Марсело. По двајца има од Барселона, Лионел Меси и Марк-Андре тер Штеген и од Челси, Еден Азар и Н’Голо Канте. Другите тројца се од Јувентус, Кристијано Роналдо, од Ливерпул, Вирџил ван Дајк и од ПСЖ, Килијан Мбапе.
Поединечно најмногу гласови доби Модриќ, 115.440, повеќе од Меси или од Роналдо, кои добија под 110.000 гласа.
Голманот Тер Штеген, кој доби околу 51.307 гласа, ги победи Бразилците, Едерсон (Манчестер сити) и Алисон Бекер (Ливерпул). Во одбраната предничеше Марсело со 102.932, Рамос доби 83.749, Ван Дајк 77.890, а Варан 75.658 гласа.
Во средниот ред, покрај Модриќ, се Азар со 97.613 и Канте со 89.307 гласа. За тројцата напаѓачи, за Роналдо и за Меси гласаа 108.423 односно 107.325, а за Мбапе 65.098 љубители на фудбалот.