Група упорни рекреативци од Струмица пред 25 години спонтано се собраа зад Градскиот стадион и почнаа да играат мал фудбал. Првите неколкумина од нив, Бонев, Манасков, Крмзов, Вучков, Арабаџиев и неколкумина други, до денес играат трипати во неделата по час и половина во сала, а во летните месеци на помошниот терен на Беласица.
Здружението, кое сега има триесетина члена, од пред седум години почна да учествува и на турнири во мал фудбал за ветерани. Годинава со „младешки“ амбиции настапија на два локални турнира, постигнувајќи резултати соодветни на амбициите. Секој член на „Вечно млади“ плаќа по 500 денари месечна членарина, која се користи за изнајмување на салата во училиштето „Никола Карев“ во Струмица.
Во ова единствено од ваков вид здружение на фудбалски ентузијасти, најстариот член со 70 години е доктор на науки, а место во „екипата“ имаат и малку помлади магистри, банкари, инспектори, бизнисмени…
– Пред извесно време тимот на „Вечно млади“ се освежи со неколкумина помлади членови, кои го „расипаа“ просекот од 55 години – вели Ванчо Бонев (64), претседател на здружението.
Освен настапите на спортскиот терен, членовите на „Вечно млади“ заедно „истрчуваат“ и на кафеански мегдан. Последните неколку дена од секоја календарска година, заедно со сопругите, тие организираат таканаречена „Вечер на вечно млади“, каде што се избира најдобар „млад“ фудбалер и најдобар летен и зимски голгетер, а претседателот на здружението поднесува „свечен“ извештај за сѐ што е сработено во текот на годината. Б.М.