Според магазинот „Форбс“, Атланта јунајтед е највредниот фудбалски клуб во американската МЛС-лига, втора година во низа. Процените се дека Атланта вреди 500 милиони долари (лани 330 милиони), по што следуваат Лос Анџелес галакси (480), Лос Анџелес (475), Сиетл (405), Торонто (395) итн.
Според „Форбс“, во просек клуб во МЛС вреди 313 милиони долари, што е пораст од 30 отсто во споредба со минатата сезона. Тој пораст е поголем од зголемувањето на вредностите на кошаркарските тимови (НБА, 13 отсто), американски фудбал (НФЛ, 11), бејзбол (МЛБ, осум) и во хокеј (НХЛ, шест отсто). Тој раст во МЛС се очекува да продолжи, бидејќи на лигата во 2020 година ќе ѝ се приклучат два нови клуба, еден во 2021-та, два во 2022 година, со што наскоро таквата експанзија ќе ја достигне бројката од 30 екипи (сега се 24).
Атланта во 2019-та имаше просечна посетеност од 52.520 навивачи по натпревар на арената „Мерцедес-Бенц“, најголема во Лигата во што удел имаа и добрите резултати сезонава. Јунајтед за малку не успеа да се пласира во второто финале на МЛС, откако загуби од Торонто со 1-2 дома во финалето на Источната конференција минатата недела. Сепак, постигнувањата на Атланта се над очекувањата од влегувањето во лигата пред три години. Атланта секоја година игра во плејофот (лани беше шампион) и не покажува знаци на забавување.
„Форбс“ истакна дека Јунајтед, иако му го продал главниот играч од средниот ред Мигел Алмирон на англискиот премиерлигаш Њукасл за 27 милиони долари во јануари, бил успешен на и надвор од теренот. И покрај малиот пад на посетеноста во споредба со рекордната ланска сезона (53.002), потпретседателот за деловното работење Кети Григс, рече дека клубот на деловен план продолжува да расте што се гледа преку посетеноста и продажбата на навивачките и други реквизити. Дресот на напаѓачот, ѕвездата на тимот Џозеф Мартинез, чија основна годишна плата е три милиони долари, беше вториот најпродаван дрес во МЛС-лигата.