Нарцис, Биелецки, Клајн, Рокас, Гарабаја ги завршија ракометните кариери со дваесетина освоени титули и многу други медали од натпреварите со клубовите во европските купови и со репрезентациите на светските и на европските првенства и на олимписките игри
Со завршувањето на ракометната сезона, завршување на професионалната кариера најавија неколку звучни имиња во овој спорт. Францускиот клупски ракомет и репрезентацијата на таа земја ќе бидат посиромашни за еден од најдобрите последнава деценија, летачкиот Французин на ПСЖ, Даниел Нарцис, кој на 38-годишна возраст реши да му каже збогум на ракометот.
– Моето тело веќе не може да ги трпи сите напори, а јас не можам да го дадам тоа што го сакам – изјавил Нарсис.
Кариерата ја завршува со девет златни медали, два од олимписките игри, четири од СП, и три од ЕП. На клупски план двапати ја освоил ЛШ (со Кил) и има вкупно 23 трофеи од разни официјални натпреварувања.
На листата пензионери е и најпознатиот полски ракометар Карол Биелецки, кој својата професионална кариера ја завршува на 36 години. На меѓународната ракометна сцена се појави во 2002 година на јуниорското ЕП во Полска каде што беше најдобар стрелец. Кариерата ја почна во Киелце (1999-2004), следуваа настапи за Магдебург (2004-2007) и за Левен (2007-2012), а од 2012 се врати во Киелце со кој стана европски шампион. Има сребро од СП во Германија во 2007 година и бронзи од СП во Хрватска и СП во Катар. Постигна 955 гола за Полска.
– Ги анализирав моите игри и гледам дека не сум тој што бев и тоа што сакам да бидам. Затоа мислам дека е најдобро да ја завршам мојата ракометна кариера – изјави Биелецки, само еден ден откако беше обелоденето дека во Киелце нема да ја одработи последната година од договорот.
Иако има само 34 години и одлична сезона зад себе во дресот на Нант, германското лево крило Доминик Клајн реши сезонава да биде последна за него.
– Поминав многу години во ракометот. Но со сите оние натпревари, тренинзи, подготовки што ги бара професионалниот спорт не останува многу време за семејството и за другиот дел од животот. Сега сакам да го имам тоа – изјави Клајн пред последните натпревари на завршниот турнир на ЛШ во Келн.
Најголем дел од својата кариера Клајн помина во Кил (10 сезони) со кого ги забележа своите најголеми успеси. Со „зебрите“ трипати се искачи на ракометниот трон на Европа (2007, 2010 и 2012), а годинава со Нант стана европски вицепрвак. Како репрезентативец на Германија има злато од СП 2007, и 187 настапи на кои постигнал 370 погодоци.
Збогум на ракометните терени сезонава им кажува и легендарното десно крило на Барселона Алберт Рокас (35), кој со шпанскиот гигант во сезоната 2010/2011 стана евроски првак, а со Потланд Сан Антонио во 2004 година го освои Купот на ЕХФ. Има две злата од СП, во 2005 и во 2011, две бронзи, по една од ЛОИ и од ЕП и едно европско сребро.
Во пензија заминува и верниот Шпанец, Рубенс Гарабаја (39), кој целата своја кариера ја помина во шпанските тимови Адемар Леон, Валјадолид, Барселона и Ла Риоха. За Шпанија одигра 168 натпревари и освои злато и бронза од СП (2005 и 2011), бронза од ЛОИ (2008) и сребро од ЕП (2006).