Фудбалската репрезентација на Аргентина доживеа тежок и убедлив пораз од Хрватска на СП во Русија. Аргентинските медиуми во своите пишувања наведуваат дека ова СП ќе биде и последно големо натпреварување за Лионел Меси, Ангел ди Марија, Серхио Агуеро, Евер Банега и за Лукаса Биља.
Меси за еден ден ќе наполни 31 година, а за репрезентацијата на 126 настапи постигнал рекордни 64 гола. Најдобриот стрелец во историјата на Аргентина пред две години речиси се прости од националниот дрес, изнервиран од поразите по трите финалиња во низа. Откако во три години не успеа Аргентина да ја донесе до една светска и две јужноамерикански титули, Меси најави свое заминување во фудбалска пензија. На тоа следуваше општонародна кампања предводена од аргентинскиот претседател, за да се врати во националниот тим. Меси, сепак, се смилува и го послуша гласот на народот. Да не ја сменеше одлуката, очајната и од него зависна Аргентина сигурно немаше ни да се пласира на СП во Русија.
Ди Марија (30) за Аргентина одиграл досега 95 средби (седми е по бројот на мечеви) и постигнал 19 гола, но се очекува да не ја поправи повеќе оваа сегашна бројка, како ни Серхио Агуеро, уште еден 30-годишник со 87 настапи за Аргентина, додека со 38 погодоци е трет стрелец за репрезентацијата. Пред него се само Меси и Батистута.
Евер Банега за нецели седум дена ќе наполни 30 години, за Аргентина одиграл 62 меча и реализирал шест гола, додека Лукас Биља (32) во 57 настапи дал само еден гол. Оваа петорка фудбалери заедно имаат дури 427 настапи и дадено 128 гола за Аргентина, па нема сомнение дека ова ќе биде голем удар за „гаучосите“.
Со еден збор, очигледно е дека почнува една нова ера на аргентинската репрезентација, која тешко ќе биде да се замисли без нејзините главни фудбалски ѕвезди.
Клучни мечеви за Германија, Полска, Колумбија…
Денеска и утре ќе биде комплетирано второто коло на фудбалското Светско првенство (СП) во Русија, со мечевите во групите Ф, Г и Х. Решавачки мечеви за задржување на шансите за пласман во осминафиналето ќе играат репрезентациите на Германија, Полска, Колумбија, Јужна Кореја, Тунис и на Панама, по поразите во првото коло на СП 2018.
Од понеделник почнува третото коло на Мундијалот во Русија, со по четири натпревари на ден (почетоци во 16 и во 20 ч.) и по два дуела од иста група во ист термин.
ВИКЕНДОВ НА СП 2018
САБОТА
Белгија – Тунис 14 ч.
Ј. Кореја – Мексико 17 ч.
Германија – Шведска 20 ч.
НЕДЕЛА
Англија – Панама 14 ч.
Јапонија – Сенегал 17 ч.
Полска – Колумбија 20 ч.