ФУДБАЛ

Со вечерашните осум натпревари од првото коло во групите Е, Ф, Г и Х почнува новата сезона во најквалитетното клупско фудбалско натпреварување во Европа, Лигата на шампионите (ЛШ), во кое трофејот освоен во август во Лисабон ќе го брани германски Баерн. Во пресрет на сезоната, агенцијата „Франс прес“ (АФП) издвои неколку поинтересни работи што нѐ очекуваат во следните неколку недели. Така, првпат по напуштањето на Реал во 2018 година, ќе се сретнат португалската суперѕвезда Кристијано Роналдо (35), сега во дресот на Јувентус, на чија тренерска клупа е Андреа Пирло, и Аргентинецот Лионел Меси (33) од Барселона, која исто така има нов тренер, Роналд Куман.
Станува збор за најдобрите играчи од нивната генерација со 11 освоени „златни топки“ и најефикасните во историјата на ЛШ, со 130 (Роналдо), односно со 115 погодока (Меси). Во моментов Роналдо е во самоизолација по позитивниот тест на ковид-19, но се очекува да настапи на мечот во Торино на 28 октомври. Реваншот на „Ноу камп“ е на 8 декември.

Четири екипи првпат ќе настапат во групната фаза, францускиот Рен, рускиот Краснодар, данскиот Митјиланд и турскиот Башакшехир. Ланскиот дебитант Аталанта беше големо пријатно изненадување, а избраниците на Џанпјеро Гасперини се пласираа во осминафиналето и покрај тоа што ги загубија првите три натпревари во групата. Но Аталанта веќе не се смета за аутсајдер и ѝ се даваат големи шанси за нов пласман во нокаут-фазата.
Младиот Норвежанец Ерлинг Холанд блескаше во минатата сезона во ЛШ. Тој постигна осум гола за Салцбург во групната фаза, а потоа во зимскиот преоден рок се пресели во Борусија Дортмунд и постигна уште два гола во мечевите со ПСЖ во осминафиналето. Во минатата сезона Холанд постигна вкупно 44 гола во клупска конкуренција пред да наполни 20 години во јули. Тој во новата сезона веќе постигна 11 гола, за клубот и за својата земја, и во Борусија се надеваат дека во тој стил ќе продолжи и во ЛШ.


Вечерва меч на победниците на Лига Европа и дерби во Париз

Во првото коло во новата сезона на фудбалската Лига на шампионите вечерва играат меѓу себе освојувачите на второто клупско натпреварување на УЕФА, Лига Европа, во претходните две сезони, Челси (победи во 2019 година) и Севилја (трофејот го освои годинава), а во истата група (Е) е и дуелот на дебитантите Рен и Краснодар. Во групата Ф, пак, се игра дербито ПСЖ – Манчестер јунајтед. Утре од поинтересните дуели се Баерн – Атлетико Мадрид (група А), Ајакс – Ливерпул (група Д) итн.