Тимот од Лондон на 1 август го победи Челси во финалето на ФА-купот, а во саботата и Ливерпул, за Суперкупот на Англија
ФУДБАЛ
Актуелниот победник на ФА-купот, Арсенал, изби на второто место според бројот на пехари во фудбалскиот Суперкуп на Англија т.н. Комјунити шилд, откако на пенали го победи англискиот првак Ливерпул со 5-4 (по регуларниот дел беше 1-1). Арсенал сега има 16 вакви трофеи, еден повеќе токму од Ливерпул, а пет помалку од водечкиот на оваа листа, Манчестер јунајтед. Средбата се одигра на стадионот „Вембли“, без публика, поради пандемијата на коронавирусот.
За Ливерпул ова е втор пораз едноподруго во натпревар за Суперкупот, откако лани на ист начин, на пенали (и тогаш со 4-5), загуби од Манчестер сити. Црвените, кои чекаат на ваков трофеј од 2006 година, двапати едноподруго загубија и во 1983 и 1984 година, тогаш од Манчестер јунајтед, односно од Евертон.
Арсенал, пак, славеше четири пати во претходните седум дуели за Суперкупот и вторпат во низа на пенали (така го победи и Челси во 2017 година). Арсенал на дуелот за годинашниот трофеј поведе во 12-та минута со голот на Пјер-Емерик Обамејанг, кој на 1 август постигна два гола во победата во финалето на ФА-купот, на истиот стадион, на средбата со Челси (2-1). Ливерпул, пак, кој настапи без стандардните првотимци Трент-Александер Арнолд и Џордан Хендерсон, израмни преку Такуми Минамино во 73-та минута.
Ова беше 98-от натпревар Суперкупот на Англија (првиот е игран во 1908 година), а четврти пат меѓу себе се сретнаа Ливерпул и Арсенал (Ливерпул победи во 1979 и во 1989 година, а Арсенал во 2002 и годинава).