Не подготвуваме тим да игра некаков систем, 4-3-3 или 4-4-2. Подготвуваме тим за игра со различни принципи на играта. Јас го гледам противникот на делови и се обидувам да ги видам просторот и начинот како играат, или кои простори можеме да ги искористиме, каде можеме да турнеме играч да го искористи. Сѐ е во врска со просторот, како ја движиме топката за да создадеме простори што ги сакаме, вели Карвајал

ФУДБАЛ – КАРЛОС КАРВАЈАЛ, ТРЕНЕР НА БРАГА

Со иновативната тактика, со храбриот и убав за гледање фудбал, Карлос Карвајал (57), тренерот на Брага ја разбранува Португалија. Во интервјуто за „Индепендент“, поранешниот менаџер на Шефилд венсдеј и на Свонси, сега на Брага, ги објаснува новите трендови во фудбалот. Во летото 2019-та, тој имал понуди од цела Европа, но решил да замине во Рио Аве.
– Сакав да пробам нешто поразлично. Просечна екипа во Португалија го дозволуваше тоа. Во последните две години, во Рио Аве лани и сега во Брага, ние не следиме никого. Создадовме нешто сопствено, нешто поразлично. Мислам дека сме чекор напред и ќе бидеме во иднина – вели тој.
Тоа звучи како претерување, но резултатите му одат во прилог на Карвајал, па и кажаното по натпреварите. Со Рио Аве беше петти во првенството, најдобар пласман во клупската историја, за место во квалификации за Лига Европа (ЛЕ). Потоа дојде понудата од Брага, која во моментов е четврта во лигата и во финалето на Купот на Португалија, откако ги победи и Бенфика и Порто. По натпреварот со Порто, на кој се чинеше дека играчите на Карвајал имаат одговор на секоја ситуација, Сержио Консеисао, тренерот на Порто, ја опиша Брага како „најдобриот тим во Португалија во моментов“. Екипата на Брага се фали и се опишува како „храбра“, „најтежок противник во лигата“ и одговорна за „прекрасниот стил на игра“.

Неговиот пристап во Брага ги одушеви сите инволвирани во фудбалот во Португалија. Но ако стилот на фудбалот на Карвајал е лесен за пофалба, доста е тешко да се опише, можеби исто толку тешко како кога се игра против него. На површината, се чини дека во пристапот на Карвајал има многу различни модерни елементи, сите во еден тим, и честопати во една минута фудбал. Она што е зачудувачки кај Брага е како тие можат многу брзо да поминат од класична одбранбена организација во португалски стил во ултрамодерен германски напад. Карвајал објаснува дека тоа е премногу симплицистички начин на гледање на работите.
– Не подготвуваме тим да игра некаков систем, 4-3-3 или 4-4-2. Подготвуваме тим за игра со различни принципи на играта. Во иднина, системот нема да биде важен. Поважни ќе бидат динамиката, просторот. На пример, ако ме прашате како го подготвуваме тимот, јас противникот го гледам на делови и се обидувам да ги видам просторот и начинот како играат, или кои простори можеме да ги искористиме, каде можеме да турнеме играч да го искористи. Ако дефанзивецот оди брзо кон напаѓачот, зад него има отворен простор. Се обидуваме да го искористиме тоа. Сѐ е во врска со просторот, како ја движиме топката за да создадеме простори што ги сакаме. Можете да видите различни играчи на различни позиции на теренот – објаснува Карвајал.
Од лаичка перспектива, фудбалот на Карвајал звучи и изгледа како природна еволуција од развојот на тактичките системи во последните две децении и обид да може флуидно да се приспособи меѓу основните квалитети.

– Ако погледнете во Англија и ве прашам како игра Манчестер сити, знаете дека тоа е колективна игра, со многу добро додавање. Кај Ливерпул, тоа е неверојатна транзиција, многу моќна кога одат кон голот. Во моментот, ако прашате некого во Португалија да го опише нашиот тим, тој мора да каже дека е многу добар со топката, многу добро организиран, многу добар кога ќе ја загуби топката, многу добар кога повторно ќе ја освои, многу добар во транзиција – вели Карвајал.
Идејата на Карвајал предизвикува неколку интересни прашања. Дали е ова следната влијателна иновација во фудбалот? Од каде потекнува иновативноста во играта? Колку иновации се можни? Повеќето големи тактички иновации историски доаѓаат од млади тренери што се полни со нови идеи.
– Мора да се обидуваш да бидеш различен цело време. Не станува збор за системите, туку за концептите. Начинот на игра е многу едноставен, но и многу сложен, затоа што не се играме со систем, туку се држиме до принципите на играта – вели Карвајал.
Тоа беше нешто ново и за играчите. Тој сфатил дека упатствата до нив треба да бидат добро соопштени. Ова беше клучно.

– Во почетокот, кога зборувате со играч и му велите дека сакате „ова, ова и ова“ јасно е, но ви треба време за тренирање. Така, сите денови во претсезоната работевме на организација, бидејќи знаевме дека сезонава ќе немаме многу време за тренинзи. Во почетокот чудно е за играчите, но потоа тие почнуваат да уживаат, бидејќи ја разбираат нашата филозофија. Сите тие се чувствуваат слободни да создаваат. Тоа е дел од нашата игра. Ако ја разбирате улогата и ви е пријатно во нашиот пристап, можете да истражите максимум. Тоа е како да се вози автомобил. Во почетокот е комплицирано и треба да ги разгледате сите опции. Но по три недели, не треба да барате да размислувате многу и можете да бидете покреативни – вели Карвајал.


„Воопшто не се согласувам дека веќе нема ништо ново во фудбалот“

Луѓето понекогаш велат дека веќе нема ништо ново во фудбалот, дека сѐ е готово. Јас воопшто не се согласувам. Сѐ може да се подобрува, можеме да иновираме многу работи. Ова е сложена игра. Комплексните феномени, постои интеракција меѓу 11 противници на голем терен. Тука може да се случат многу работи. Нашиот предлог е да се обидеме да ги контролираме работите на најдобар можен начин, вели Карлос Карвајал, тренерот на Брага.