Финалето ќе се игра на „Вембли“

Италија ќе ја игра групната фаза на ЕП во Рим, Русија во С. Петербург, а во конкуренција за пласман се и другите 10 домаќини на континенталното првенство в година

По Белгија и Италија, на Европското првенство (ЕП) в година се пласираа и фудбалските репрезентации на Русија и на Полска. Вчера и денеска преостанати се мечеви од октомврискиот циклус од квалификациите, по кој може да се дознаат уште некои други репрезентации што ќе играат на континенталното првенство в година.
Од четирите селекции, Италија и Русија си обезбедија мечеви дома на ЕП 2020, оти Рим и Санкт Петербург се два од 12-те града во кои ќе се играат натпреварите на роденденското ЕП, со кое ќе се слави 60-годишнината од првиот шампионат на Стариот континент.

Шанси како домаќини да играат дел од мечевите на ЕП 2020 имаат и Англија (ќе се игра во Лондон), Холандија (Амстердам), Шпанија (Билбао), Унгарија (Будимпешта), Романија (Букурешт), Шкотска (Глазгов, преку Лигата на нациите), Република Ирска (Даблин), Германија (Минхен), Азербејџан (Баку, теоретски преку Лигата на нациите) и Данска (Копенхаген). Од овие селекции, сигурно место барем во плејофот на Лигата на нациите имаат Англија, Холандија, Шкотска и Данска.

Според распоредот, осминафиналињата ќе се играат во Лондон, Копенхаген, Букурешт, Амстердам, Даблин, Билбао, Будимпешта и во Глазгов, четврт-финалињата во Минхен, Баку, С. Петербург и во Рим, а полуфиналињата и финалето во Лондон (стадион „Вембли“).


УЧИНОКОТ НА ДОМАЌИНИТЕ НА ЕП
РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА СОСТОЈБА
Италија се пласира на ЕП
Русија се пласира на ЕП
Англија прва во групата А
Холандија прва во групата Ц
Р. Ирска прва во групата Д
Шпанија прва во групата Ф
Германија втора во групата Ц
Данска втора во групата Д
Унгарија втора во групата Е
Романија трета во групата Ф
Шкотска преку ЛН
Азербејџан можеби преку ЛН
состојба по мечевите во неделата