Во Премиер-лигата намалувањето е седум отсто, а во шпанската Ла лига 46 отсто. Фер е претпоставката дека причината за тоа е ковид-19, кој предизвика значајни нарушувања на фудбалскиот пазар, пишуваат од инвестициската компанија „Картрет аналитика“ од Лондон, пренесува „Би-би-си“

ФУДБАЛ – ЗАВРШИ ЛЕТНИОТ ПРЕОДЕН РОК ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА

Клубовите во англиската Премиер-лига потрошија помалку пари летово за трансфери на фудбалери во споредба со минатите години, но, сепак, многу повеќе од клубовите во другите врвни европски лиги. Премиерлигашите потрошија 1,22 милијарда фунти (околу 1,35 милијарда евра), што е за 158 милиони фунти (174 милиони евра) помалку од ланските 1,37 милијарда фунти (1,51 милијарда евра), се вели во извештајот на инвестициската компанија „Картрет аналитика“, со седиште во Лондон, пренесува „Би-би-си“.
На последниот ден од преодниот рок, во понеделникот, во Премиер-лигата беа реализирани 12 трансфери, најмалку во последните неколку години. Најголемата зделка ја направи Арсенал, кој го ангажира играчот за врска на Атлетико Мадрид, Томас Партеј, за 45,3 милиони фунти. Вториот најголем трансфер го направи Евертон, кој на „Гудисон парк“ го донесе дефанзивецот на Норич, Бен Годфри, за 25 милиони фунти.

Последниот ден на летниот преоден рок за годинава беше подоцна од вообичаеното, како резултат на пандемијата на коронавирусот и доцниот почеток на новата сезона.
– Вкупните трошоци за купување играчи значително се намалени во петте најдобри европски лиги во споредба со просекот од пет години. Во Премиер-лигата намалувањето изнесува седум отсто, а во шпанската Ла лига дури 46 отсто. Фер е претпоставката дека причината за тоа е ковид-19, кој предизвика значајни нарушувања на фудбалскиот пазар – пишуваат од „Картрет аналитика“.
Потрошувачката во Премиер-лигата беше за повеќе од трипати поголема отколку во Ла лига, во Бундес-лигата и во Лига 1, односно двојно повеќе од таа во Серија А, посочува „Картрет аналитика“, кој советува три клуба од Премиер- лигата и уште 12 врвни во Европа и во светот.

Клубовите од Премиер-лигата потрошија 820,2 милиони фунти (903,9 милиони евра) повеќе за доведување играчи отколку што заработија од продажба на играчи во другите лиги. Ла лига (58,6 милиони фунти, околу 65 милиони евра) и во Бундес-лигата (8,9 милиони фунти, околу 9,8 милиони евра) летово заработија повеќе пари отколку што потрошија за трансфери. Челси, Манчестер сити и Барселона се единствените големи европски клубови што потрошија повеќе од 100 милиони фунти, а минатата сезона најмалку 10 тима ја надминале таа сума, пишува „Би-би-си“.