На емотивна прес-конференција на „Ноу Камп“, Лионел Меси се прости со Барселона, во присуство на своите соиграчи, во церемонија полна со емоции, солзи и чувство на крај на една фудбалска ера.
– Последните денови размислував што сакам да кажам, но сега немам зборови. Тука сум цел живот.. Не сум подготвен за ова. Минатата година со факсот и тие глупости знаев што сакам да кажам. Овојпат јас и моето семејство бевме сигурни дека сакаме да останеме тука, во нашиот дом. Денеска морам да се збогувам со вас, тука сум цел мој живот, од мојата 13-та година. По 21 години си заминувам со мојата сопруга, со моите три деца. Благодарен сум за сите работи, на клубот, на моите поранешни и сегашни соиграчи, толку многу луѓе. Овој град и клуб ме направија тоа што сум денеска, дадов се за овој дрес од првиот ден кога пристигнав до последниот и вистината е дека си заминувам со големо чувство на благодарност. Никогаш не замислував дека ќе заминам. Ако некогаш можам да се вратам во овој клуб и да помогнам да биде најдобар на светот ќе го направам тоа – изјави Меси откако ги созеде солзите.
По долгиот аплауз од страна на присутните, меѓу кои беа и неговите деца и неговата сопруга, претседателот на клубот Жоан Лапорта, како и неговите соиграчи, тој одговори на неколку прашања.
– Кога претседателот Лапорта кажа да почекаме, на крајот ја чекавме Ла лига, и тоа е се што можеме да кажеме. Нема поинаква верзија. Имаше многу работи кои се кажаа за мене, дека не сакам да останам, но тоа не беше вистина. Направивме се што можевме – одговори на прашањето што очекувал кога пред некој ден се вратил од одмор.
На директното прашање каде ќе игра следната сезона, тој не сакаше да потврди дека ќе оди во Пари Сен-Жермен.
– Промената ќе биде тешка, но ќе мора да ја прифатиме. Со моето семејство ќе одиме напред, и ќе се соочиме со предизвиците. Фрацуските медиуми објавуваат нешто, но има многу клубови кои се заинтересирани и засега нема ништо конкретно“ – одговори Аргентинецот.