Би сакал да нема офсајд сѐ додека еден дел од телото на играчот што постигнува гол е во линија со дефанзивецот, изјави Венгер во интервју за францускиот весник „Л’екип“, кој најави идеи за измени и на правилата за корнер, слободен удар и аут
Французинот Арсен Венгер, поранешниот менаџер на англискиот фудбалски премиерлигаш Арсенал, сега дел од Светската фудбалска федерација (ФИФА), задолжен за глобалниот развој на фудбалот, повторно повика на радикални реформи во правилата за офсајд и за слободни удари, како и за тоа аутите да се заменат со „удари“, како дел од неговата визија за развој на фудбалската игра.
– Би сакал да нема офсајд сѐ додека еден дел од телото на играчот што постигнува гол е во линија со дефанзивецот. Ова може да биде преголема предност за напаѓачот, бидејќи тоа ги обврзува дефанзивците да играат повисоко на теренот – изјави Венгер во интервјуто за францускиот весник „Л’екип“.
Другите опции вклучуваат играта да продолжи доколку при изведувањето на корнерите топката во лак накратко излезе во гол-аут и потоа се врати на теренот, за, како што вели Венгер „да се создадат нови шанси за гол“.
Предложена е промена и на слободните удари, како опцијата за брзо изведување, да може фудбалерот да си додаде сам на себе.
– Исто така, би сакал да се смени и правилото за аут. На пет минути пред крајот на мечот аутот треба да биде предност, но во тие ситуации се соочувате со 10 играчи на теренот, а вие имате само девет. Статистичките податоци покажуваат дека во осум од 10 ситуации на таков аут ја губите топката. На вашата половина од теренот треба да имате можност да изведете удар наместо аут – вели Венгер.
Тој вели дека новото правило што им дозволува на голманите по изведувањето гол-аут да им ја додаваат топката на своите соиграчи во шеснаесетникот „ја сврте играта наопаку“.
– Мислам дека тоа правило што овозможува да играте во шеснаесетникот од почетокот, на пет метри, од корен ја смени играта – вели Венгер.
Во почетокот на сезоната 2019/2020 Бордот на меѓународната фудбалска асоцијација (ИФАБ) го укина правилото топката да биде „во игра“ само надвор од шеснаесетникот кога голманот изведува гол-аут од својот петерец. Оттогаш, голманите можат да им ја додаваат топката на соиграчите и во шеснаесетникот.
– Вистински плејмејкер сега е голманот – забележува Венгер.