Лондон, 14 мај 2018 (МИА) – Францускиот фудбалски стручњак Арсен Венгер на натпреварот против Хадерсфилд за последен пат седеше на клупата на Арсенал, но изјави дека со сигурност останува во фудбалот.
Венгер 22 години беше тренер на Арсенал, а поради тоа во 22-та минута од натпреварот против Хадерсфилд беше поздравен со овации.
– Дефинитивно останувам во фудбалот. Без разлика дали ќе бидам тренер на некој клуб или ќе работам нешто друго. Зависен сум од играта и мислам дека од тоа нема спас – истакна Венгер.
Фудбалерите на Арсенал се простија со победа од долгогодишниот тренер, а лондонскиот клуб го совлада Хадерсфилд со 1-0.
Оваа сезона Арсенал во Премиер-лигата заврши на шестото место со 54 бодови и следната сезона повторно ќе настапува во Лига Европа.