ВУЈАДИН СТАНОЈКОВИЌ (1)
Станојковиќ беше еден од најстандардните играчи во шампионската генерација на Вардар од 1987 година, а подолг период беше и еден од столбовите на црно-белата одбрана. Беше прогласуван за најдобар десен бек во Првата југословенска лига, а учесник на две големи приредби – ЛОИ 1988 во Сеул и СП 1990 во Италија. Многу пропаднати трансфери, меѓу кои и оној во мадридски Реал
Една од најинтересните личности во фудбалската историја на Македонија, потоа на поранешна Југославија и пред сѐ во шампионскиот тим на Вардар од 1987 година, секако е Вујадин Станојковиќ. Тој имаше фудбалски развој токму онаков каков што би требало да има секој фудбалер. Имено, за да може еден играч да созрее и да го крене својот квалитет до нивото на своите реални физички предиспозиции, најдобро е првите чекори да ги направи во средината од која никнува.
Таков беше случајот со Станојковиќ, кој почна да игра за екипата од селото во кое живееше, Речица, лоцирано во кумановскиот крај, во близината на границата со Србија. Таму, со своите другари, како што Вујо често знае да каже „со селските но здрави деца“, почнал да игра фудбал, за потоа за да може да напредува што побрзо и да има што повеќе натпревари во нозете почна да настапува за две екипи – Речица и Трговиште, од каде што практично му се семејните корени.
– Се случуваше во еден викенд да имам по два натпревара, но тоа не ми пречеше. Одвај чекав да дојде сабота и да истрчам на теренот во дресот на Речица, а веќе во недела да играм за Трговиште. Во тие младешки години ништо не ми беше тешко, премногу го сакав фудбалот. Што се однесува, пак, до местото во тимот, играв на две позиции, десно крило и центарфор, во шпицот на нападот. Постигнував многу голови и бев главен стрелец во лигите од понизок ранг. Но токму таа прецизност и постигнување голови на секој натпревар беа мамка за мене сѐ почесто да се зборува, па како резултат на тоа, на мое големо задоволство, во 1984 година, дојде поканата од тренерот на Куманово, Радошевиќ, да одам во екипата на македонскиот лигаш. Не се колебав, напротив, ми беше чест да играм за тимот што во тој период беше еден од факторите во македонскиот фудбал – вели Станојковиќ.
ПОЧНУВА ДА СЕ ПЛЕТЕ КАРИЕРАТА
Од моментите кога заигра за Куманово, практично почна да се плете убавата фудбалска кариера на Вујадин Станојковиќ. Набргу за него почнаа да се интересираат и други клубови, меѓу кои и Вардар.
– Моите родители се противеа да заминам од дома. Тие сакаа да останам тука, покрај нив, но моите желби да напредувам во играта што најмногу ја сакав одеа многу подалеку од тоа да останам само просечен провинциски фудбалер. Затоа, бев настојчив, ги убедив моите и во 1985-та се преселив во Вардар. Бидејќи не добив исписница од ФК Куманово, според тогашните прописи, морав да паузирам три месеци. Јас и со тоа се помирив, само за да дојдам во македонскиот фудбалски бренд – вели популарниот Вујо.
Во почетокот не одеше толку лесно. Станојковиќ, иако дојде како афирмиран стрелец, мораше да ја чека својата шанса. Вардар во тој период беше полн со квалитетни фудбалери: Панчев, Најдоски, Савевски, П. Георгиевски, Маневски, Симовски, Урошевиќ, Грошев, Симоновски, во почетокот тука беше и една од вардаровите икони Кочо Димитровски, а ја завршуваше кариерата и Ѓоре Јовановски.
Можете да замислите колкава беше конкуренцијата да се стигне во првиот тим. Со еден збор, вриеше од квалитетни фудбалери. Тренер во тој период беше Илија Димоски, под чија тренерска палка Вардар стигна до Купот на УЕФА. Но веќе летото тој замина, па во Вардар повторно се врати Вишњевац, кој претходно, по заминувањето на легендарниот Бобек, во 1982 година дојде во скопскиот тим, за потоа да замине и, наместо него, да дојде Димоски. Со тие чести смени на тренерите се менуваа и составите на екипата. Некој фудбалер кај еден тренер добиваше поголема, кај друг помала минутажа. Меѓутоа, никој не реагираше, сите молчеа и ја чекаа својата шанса.
– Јас во почетокот немав некоја голема минутажа, предност имаа оние што веќе беа докажани во прволигашката конкуренција, а и подолг период беа во Вардар. Но бев трпелив и ја чекав својата шанса. Конечно, со доаѓањето на Дончевски на тренерската позиција, доаѓа до оној вистински пресврт во мојата кариера. Интересно е дека чичко Дончо, така го викам и сега, во мене не гледаше шпиц, туку одбранбен играч. Бев многу изненаден кога ме повика кај него и ми соопшти оти отсега ќе играм на позицијата десен бек. Од каде виде и ја препозна мојата вистинска позиција не знам, но знам дека во дресот со бројот два дојде до моја вистинска афирмација – се сеќава Станојковиќ.
Станојковиќ стана еден од најстандардните во вардаровата постава и во тимот што во 1987 година ја освои титулата шампион на Југославија и играше во Купот на шампионите, каде што беше елиминиран во првото коло од силниот Порто.
Интересно е дека во анкетите на новинарите и на тренерите од 1987 до 1999 година Станојковиќ беше прогласуван за најдобар десен бек во Првата југословенска лига. Тоа беше и виза за настап во националната сениорска, а и олимписка репрезентација.
СЛЕДНА ДЕСТИНАЦИЈА – ПАРТИЗАН
Откако Вардар стана шампион на поранешната држава, неговите фудбалери високо котираа на пазарот и полека почнаа да си заминуваат. Така тимот почна да се осипува и ослабува, а оние што останаа настојуваа да најдат нова средина. Таков беше случајот и со Станојковиќ, за кој беше заинтересиран белградски Партизан.
– Меѓутоа, морам да кажам дека на одењето во Белград му претстоеше една мачна предигра. Имено, Вардар не беше фер кон мене. Управата за мене бараше обесштетување од 250.000 марки, што за тоа време беше огромна сума. Јас се налутив и бев решен веќе да не играм фудбал. Но во тие драматични денови во мојата кариера пресудна улога одигра легендата на Партизан, кој тогаш беше директор на клубот, Тома Калоперовиќ. Јас го одбивав и од лутина не сакав да слушнам за каков и да е договор. Но, на негово интересирање, кончено попуштив и се најдовме во мотелот „Наис“ крај Ниш. Тој ми рече да не се грижам за високото обесштетување што го бараше Вардар и ме праша дали сакам да одам во Партизан. Му одговорив позитивно и веќе по неколку дена делегација од осум члена на управата на Партизан допатува во Скопје. Во тогашен „Гранд хотел“ беше постигнат договор да заминам во Партизан. За тоа што се договорија за обесштетувањето не знам и никогаш не дознав, само знам дека бев среќен оти работата беше завршена – вели Вујо.
Потоа дојдоа четирите убави години во белградскиот тим. Станојковиќ уште на турнејата во Швајцарија, веднаш по доаѓањето во Партизан, обезбеди место во првата постава. Тој, според зборовите на тогашниот тренер Вукотиќ и помошникот Голац, бил најдобриот играч на турнејата, што беше убава причина големата „црно-бела“ армија да го пречека со раширени раце и од првите моменти да му даде огромна поддршка. Набргу Вујо стана нејзин миленик и веќе никој не можеше да му го земе бековското место.
– Тоа беше прекрасен период. Да се игра пред 100.000 гледачи на „Маракана“, која тогаш толку собираше, а за противник да се има вечниот ривал Црвена звезда, тоа беше нешто неверојатно чувство, кое не може да се опише. Бранејќи ги боите на црно-белите, во тој четиригодишен престој во Белград освоивме по една шампионска титула, куп и суперкуп. Сето тоа и денес ме прави многу горд – вели Станојковиќ.
За тоа како течеше понатаму кариерата на Вујадин Станојковиќ и за нереализираните а привлечни трансфери, како и за неговите настапи за олимписката и за сениорската репрезентација на Југославија, ќе читате идниот понеделник. Исто така тој ќе нѐ потсети и на првите репрезентативни настапи за селекцијата на самостојна Македонија.
Лична карта
Роден: во 1963 година во Куманово
Кариера: Вардар, Партизан, Дегерфорш, Трелеборг, репрезентација на Македонија (седум настапи) и на поранешна Југославија (21 настап, еден постигнат гол)
Успеси: шампионска титула со Вардар во 1987 година, три трофеи со Партизан, шампионска титула и по еден освоен куп и суперкуп, настапи за олимписката репрезентација на Југославија во Сеул во 1988 година и учесник на Светското фудбалско првенство во Италија во 1990 година. По осамостојувањето член на првата сениорска селекција на Македонија