Французинот Рафаел Варан и Хрватите Лука Модриќ и Матео Ковачиќ се единствените фудбалери што по Светското првенство (СП) во Русија можат да заминат дома со уште еден вреден трофеј за годинава, покрај европската клупска титула што ја освоија со Реал Мадрид во мај. И двете репрезентации играат во полуфиналето, со теоретска можност да се сретнат и во мечот за светската круна, в недела, во Москва.
Со евентуална титула на СП во Русија, тројцата, а особено стоперот Варан и плејмејкерот Модриќ (поради минутажата и улогата во своите селекции и во Реал Мадрид) би биле и во сериозна трка за признанието на Светската фудбалска федерација (ФИФА), „златната топка“ за најдобриот фудбалер на Мундијалот.
Со таква разврска потоа некој од нив би станал и прв фаворит за двете признанија на крајот на годината, „златната топка“ на францускиот магазин „Франс фудбал“ и наградата „најдобар“ на ФИФА, двете за најдобрите фудбалери во една година.
Секако, во моментов во трка за првата награда на ФИФА, таа за СП 2018, се и други фудбалери од тие репрезентации, но и од Англија и од Белгија.
Меѓу освојувачите на вреден трофеј од годинава, тој во Лига Европа, се и Французите Антоан Гризман и Лукас Хернандез и Хрватот Шиме Врсаљко, кои се членови на победникот на тоа натпреварување, Атлетико Мадрид.