Ни претстојат многу предизвици, ние сме шампиони, треба да уживаме во моментот и да продолжиме, вели Вирџил ван Дајк, центархалфот на Ливерпул, во интервју за „Би-би-си“, во кое говори за себе, за мечевите без гледачи и за одбраната на титулата

Центархалфот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк, вели дека фудбалскиот шампион во англиската Премиер-лига се соочува со „предизвикувачки времиња“, затоа што „сите сакаат да ве видат како паѓате“. Холанѓанецот Ван Дајк одигра клучна улога во минатата сезона, во која „црвените“ по 30-годишното чекање ја освоија 19-та шампионска титула во клупската историја. Во ексклузивното интервју за „Би-би-си“, Радио 5, Ван Дајк говори за себе, за мечевите без гледачи и за одбраната на титулата.
– Мислам дека обидот да се остане на врвот е најтешката работа. Сите сакаат да ве видат како паѓате кога ќе стигнете на врвот. Така е во животот, особено во овие денови. Што се однесува до мене, сакам да го дадам максимумот додека не се повлечам и потоа да не жалам. Потоа не сакам да жалам за ништо, мислам дека тоа е најлошото чувство што може да го имате. Ни претстојат многу предизвици, ние сме шампиони, треба да уживаме во моментот и да продолжиме – вели Ван Дајк.
Тој им дава предност на краткорочните цели, а тоа го прави откако во тинејџерските години не успеал да влезе во првиот тим на Вилем Втори. Во тие години тој морал да заработува пари и надвор од фудбалот, миејќи садови во ресторан и признава дека во почетокот на кариерата имал проблеми, сѐ додека не почнал да ги остварува малите цели што си ги поставил, што резултирало со трансферите во Гронинген, Селтик и во Саутемптон.

Откако му се приклучи на Ливерпул во јануари 2017 година, за 75 милиони фунти, двапати беше вицешампион, во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Премиер-лигата, а потоа стана и шампион во двете натпреварувања, лани и годинава. Тој сега ги брка новите цели во необична околина, на празни стадиони поради пандемијата на ковид-19, и признава дека во почетокот „му било многу тешко“ да се приспособи.
– Гледачите може да одиграат огромна улога во тешките, исто како и во добрите моменти за време на натпреварите. Кога ќе примите гол, тие ќе ве кренат, а кога ќе постигнете гол тие на противникот уште повеќе му ја отежнуваат ситуацијата. Тоа важи за сите, особено за нас, бидејќи сите знаат колку е тешко да се игра на „Енфилд“ со навивачите зад нас. Се надевам дека работите ќе се променат на подобро што е можно побрзо, бидејќи ни требаат гледачи. Тие ни помагаат да играме подобро дома. Но ми се допаѓа тоа и кога на гости домашните навивачи се против нас. Дефинитивно уживам во тоа и ми недостига – вели Ван Дајк. 


„Дајте сѐ што имате, верувајте во себе и никогаш не откажувајте се“

Вирџил ван Дајк има совет за сите што се обидуваат да ги реализираат своите цели на кое било поле.
– Потребна ви е малку среќа, но освен тоа, станува збор за напорна работа. Посветете им се на своите цели. Мора да верувате во себе, ако вие не верувате, тогаш нема никој друг. Поставете си краткорочни цели. Може да имате соништа и никогаш да не престанете да сонувате, бидејќи работите секогаш се можни. Уживајте во животот, во подемите, во падовите и во негативните работи, бидејќи тие може да ве направат тоа што сте. Поминав низ многу работи во животот, но тие ме направија тоа што сум денес. Дајте сѐ што имате, верувајте во себе и никогаш не откажувајте се – вели Ван Дајк, центархалф на англискиот фудбалски првак Ливерпул.