Поранешниот менаџер на Манчестер Јунајтед, Луј ван Гал, верува дека Ливерпул по 29 години ќе го прекине постот и ќе ја освои Премиер Лигата, пренесе Скај спортс.
Ван Гал, кој во мај 2016 беше разрешен од позицијата менаџер на Манчестер Јунајтед и тоа по освојувањето на ФА купот, верува дека „црвените“ се најсилни оваа сезона.
– Ако би требало да ги ставам моите пари на кој тим ќе ја освои лигата, тоа би било Ливерпул – изјави Ван Гал.
Холандскиот експерт верува во избраниците на Јирген Клоп, без оглед на тоа што мисли дека Манчестер Сити, кој победи на дербито на „Етихад“ со 2-1, има квалитетни играчи.
– Тимот на Ливерпул е базиран на највисок квалитет кога станува збор за нивните играчи. Факт е дека Манчестер Сити има подобри играчи. Во исто време, тоа е слабоста на тимот на Гвардиола. Тој ги тренира своите тимови да играат само офанзивно. Секогаш. Кога треба да се бранат, изгледаат ужасно. Ливерпул има тим кој е во состојба подобро да се брани – рече Ван Гал.
Ливерпул досега покажа дека има најсилна одбрана. Тие примија само десет гола во 21 натпревар, додека „граѓаните“ капитулираа 17 пати.
– Клоп ги тренира неговите играчи да бидат максимално борбени, без разлика дали ја имаат топката во своите нозе или не. Тоа е она што му недостасува на тимот на Гвардиола, заклучува Ван Гал.