Во Бундес-лигата има млади играчи што редовно играат и со тоа стекнуваат неопходно искуство. Таму имате момчиња на 22 години со над 100 одиграни натпревари во голема лига во која се игра брз фудбал, вели неименуван фудбалски агент за „Индепендент“
Германската Бундес-лига се смета за „најпрактичен пазар“ во наредниот, летен преоден рок, во ситуација на финансиска нестабилност предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Џејдон Санчо, Тимо Вернер, Каи Хаверц и Дајот Убамекано се само неколкуте млади талентирани фудбалери за кои се заинтересирани најдобрите и најбогати клубови на континентот, се истакнува во статијата на весникот „Индепендент“.
Економските ефекти од кризата ги принудија клубовите, па и најбогатите, да бидат повнимателни при трансферите. Затоа германската лига, која е позната по развојот на младите играчи и е богата со такво искуство и генерално со реална процена на играчите, се смета за главна за трансфер-бизнис летово.
– Ризикот за ангажирање нови играчи сега е поголем од кога и да било порано, не само во финансиска смисла. Бундес-лигата беше популарен пазар и пред коронавирусот поради квалитетот на младите играчи што таму редовно играат и со тоа стекнуваат неопходно искуство. Таму имате момчиња на 20 до 22 години со над 100 одиграни натпревари во голема лига во која се игра брз фудбал. Санчо, на пример, ќе биде скап, иако и на неговата цена ќе влијае кризата, но има играчи како Кристофер Нкунку во Лајпциг или Суат Сердар во Шалке, кои предизвикуваат интересирање. Има тенденција за пониски откупни клаузули во Германија и има неколку интересни опции за слободните играчи како што е Марио Геце – вели неименуван фудбалски агент за „Индепендент“.
Манчестер јунајтед е најзаинтересиран за Санчо, но го посакуваат и дефанзивецот на Лајпциг, Упамекано (21), кој се смета за најдобар светски центархалф во неговата возрасна група. Тој има договор до 2021 година и откупна клаузула од 60 милиони евра. Спортскиот директор на Лајпциг, Маркус Кроше, и агентот фудбалерот, Фолкер Страт, веруваат дека тие пари летово не ќе може да се добијат, но и покрај тоа интересирањето за Упамекано не опаѓа.
„Енфилд“ и Ливерпул и натаму се првиот избор на Вернер, доколку ја напушти Бундес-лигата. За Хаверц, пред глобалната криза, Баер Леверкузен бараше околу 100 милиони евра и инсистираше на тоа дека нема да ја спушти цената.
Геце (27) е интересен за клубовите во Серија А, но според капитенот на Саутемптон, Пјер-Емил Хојбјерг, за него е заинтересиран и неговиот клуб.
Друг интригантен трансфер поврзан со Бундес-лигата ќе биде оној на Филипе Кутињо. Во Баерн не се заинтересирани да го продолжат или да го откупат заемот на Кутињо од Барселона. За Каталонците, пак, тој е огромен товар поради високата плата и неможноста за него да добијат повеќе пари во сегашните околности на трансфер-пазарот.