На мечевите од првото коло на Европското првенство (ЕП) веќе се истакнаа некои фудбалери, како Белгиецот Ромелу Лукаку, кој постигна два гола, потоа Италијанците Чиро Имобиле, Лоренцо Инсиње и Џорџо Кјелини. На следните натпревари ќе блесне уште некој, но, за жал, на ЕП поради повредни ќе недостигаат редица врвни, познати фудбалски имиња. Во продолжение ви ги претставуваме „брилијантните 11“ во формација 4-2-3-1 што ќе го пропуштат ЕП.
На голот (не) е Марк-Андре тер Штеген, кој настапи на 42 меча за Барселона сезонава, но реши да го оперира коленото. „Тажен сум што ќе го пропуштам ЕП со Германија. Првпат по многу години ќе навивам“, напиша Тер Штеген на Твитер.
Десен бек е Трент Александар-Арнолд, дефанзивецот на Ливерпул, кој се повреди на пријателскиот натпревар со Австралија пред турнирот. Лев бек е Ферлан Менди, кој беше во импресивна форма за Реал Мадрид, но се повреди пред крајот на сезоната и не успеа да заздрави навреме за да се најде во составот на Франција. На централните дефанзивни позиции се двајца играчи на Ливерпул, Вирџил ван Дајк, капитенот на Холандија, кој имаше тешка повреда на коленото во октомври лани, и Џо Гомез кој, исто така, го повреди коленото во ноември 2020-та и ќе го нема во тимот на Англија.
Во средниот ред се Италијанецот Николо Заниоло, играч на Рома, и Холанѓанецот, Дони ван ден Бек од Манчестер јунајтед. Заниоло ги повреди вкрстените лигаменти на коленото во јануари 2020 година, потоа целосно заздраве, по што ги скина вкрстените лигаменти на другото колено, играјќи за Италија во септември 2020-та. Ван де Бек имаше тешка прва сезона во Јунајтед и настапи на четири натпревари како стартер во Премиер-лигата. Причина за неговото отсуство е повредата на ципите.
Во нападот, по десната страна, е Португалецот Педро Нето од Вулверхемтон, чии соништа да игра на ЕП беа разбиени кога го повреди коленото во април и ќе паузира најмалку шест месеци. На централната позиција е Доминик Шобошлаи, кој ѝ обезбеди настап на Унгарија за турнирот со победничкиот гол во последните секунди во баражот против Исланд во ноември лани. Но во декември 2020 година тој го повреди мускулот и допрва треба да дебитира за Лајпциг. Лево во нападот е Ансу Фати, кој дебитира во септември 2020-та и го постигна првиот гол на вториот настап, станувајќи најмладиот стрелец на Шпанија на возраст од 17 години и 311 дена. Но во ноември тој посериозно го повреди коленото, поради што ќе го нема на ЕП. На најистурената позиција во нападот на овој тим е Златан Ибрахимовиќ, кој по повлекувањето во 2016 година, во март годинава одлучи да се врати во репрезентацијата на Шведска.
Сезонава тој за Милан постигна 17 гола на 27 меча во сите натпреварувања, но повредата го спречи водечкиот стрелец на сите времиња на Шведска да заигра на ЕП 2020.