Брентфорд го постигна пласманот во Премиер-лигата со напорна работа, иновации, инвестиции, вештини и со малку среќа. Тие се лекција за сите амбициозни клубови. Различното размислување надвор од стандардите е една од клучните „мантри“ на Брентфорд. Во 2016 година, Брентфорд, на пример, стана првиот голем англиски клуб што ја затвори својата академија, избирајќи, наместо тоа, да се фокусира на системот на Б-екипа, кој, како што рекоа, „ќе создаде најефективен пат кон првиот тим од сите англиски клубови“

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Брентфорд, познат и под прекарот Пчели, ремизира со Ливерпул (3-3) на новиот стадион во западен Лондон, претходно ги совлада Арсенал (2-0) и Вулверхемптон на гости (2-0), а викендов одигра одличен меч со европскиот првак Челси, во првата сезона во англиската фудбалска Премиер-лига. Брентфорд можеби е нов тим во најсилната лига, првпат по 1947 година, но има намера тука да остане подолго. Данецот Томас Франк (47) е на клупата на Пчелите од 2018 година и е еден од менаџерите со најинтересни изјави и е идеален за клуб што сака да ги прави работите поинаку од другите.
– Ние не сме создадени да летаме. Но, ете, летаме во Премиер-лигата. Продаваме надеж во фудбалот – вели Франк.

„ПОСВЕТЕНИ НА ТОА ДА ГИ ПРАВИМЕ РАБОТИТЕ ПОИНАКУ“

Брентфорд го направи тоа со напорна работа, иновации, инвестиции, вештини и со малку среќа. Тие се лекција за сите амбициозни клубови. Различното размислување надвор од стандардите е една од клучните „мантри“ на Брентфорд.
– Ние сме жестоко посветени на тоа да ги правиме работите поинаку, со преземање пресметани ризици. Не можеме само да го следиме старомодниот начин на правење на работите – вели Џон Варни, извршниот директор на клубот.
Тој начин на размислување потекнува од сопственикот на клубот, Метју Бенем, поранешниот менаџер на инвестициски хеџ-фондови, пред да ја преземе контролата врз Брентфорд во 2012 година. Брентфорд се пласира во Лига 1 во 2014 година и веќе по првата сезона стигна до баражот за влез во дивизијата Чемпионшип. Под водство на Дин Смит, сега менаџер на Астон вила, а потоа и на Франк, тие никогаш не беа под 11-то место и покрај тоа што имаа еден од најмалите буџети во лигата. Брентфорд стигна до финалето на плејофот во сезоната 2019/2020, губејќи од локалниот ривал Фулам. Во следната сезона беше совладан Свонси за пласман во Премиер-лигата. Тоа е извонредна приказна, особено ако се има предвид начинот на кој клубот постојано ги губеше најдобрите играчи (и менаџери) во минатата деценија. Списокот е импресивен. Оли Воткинс, Џејмс Тарковски, Нил Мопај, Езри Конса и Саид Бенрама се истакнаа во Брентфорд и сега се етаблирани играчи во Премиер-лигата.
– Суштината на нашиот бизнис е да остваруваме профит секоја година од продажбата на играчи. Значи, не треба само да најдеме играчи со потенцијал туку и да ја зголемиме нивната вредност подобрувајќи ги додека се кај нас – вели Варни.

ФОРМИРАН Б-ТИМ

Тие го направија тоа не само преку квалитетните тренинзи туку и со смелите одлуки, или „пресметаните ризици“ за кои говори Варни. Во 2016 година, Брентфорд стана првиот голем англиски клуб што ја затвори својата академија, избирајќи, наместо тоа, да се фокусира на системот на Б-екипа, кој, како што рекоа, „ќе создаде најефективен пат кон првиот тим од сите англиски клубови“. Тоа беше контроверзен потег и наиде на широко неодобрување. Но во Брентфорд тврдат дека плаќањето по два милиони фунти (2,4 милиони евра) годишно за млади играчи во развој, од кои повеќето потоа би се преселиле во поголеми, финансиски помоќни клубови пред да наполнат 17 години, станало бесмислено. Наместо тоа, тие решија да се насочат кон играчи на 17 и 18 години, од кои многумина се отпуштени или стагнирале во други клубови, потоа од нив да создадат фудбалери што ќе можат да имаат солидни кариери, во Брентфорд или на друго место. Во изминатите пет години, 16 играчи напредувале од Б-тимот до сениорскиот на Брентфорд.
– Нашиот Б-тим е најблиску до првиот тим. Многуброен стручен персонал и специјалисти им помагаат на овие играчи да се развиваат и да стигнат до првиот тим – изјави Расмус Анкерсен, кодиректор за фудбал на Брентфорд, за „Скај спорт“.

ДВА ТИМА ВО ЕДЕН

Б-тимот, кој има свој главен тренер, помошник-тренер, техничко водство, тренер на голмани, кондициски тренер, аналитичар, човек задолжен за опремата, човек за комуникации, тренира заедно со оние од првиот тим. Два тима во еден.
– Пред неколку години отидов во Кенија да проучам зошто еден мал град таму ги дава најдобрите маратонци на светот. Она што го видов беше дека младите таленти секојдневно тренираат заедно со некои од најголемите ѕвезди. Таа близина со најдобрите е многу добра за средина каде што има многу таленти, но, за жал, во фудбалот ние ги одвојуваме играчите од првиот тим. Се обидовме да го промениме тоа со Б-тимот. Тие играчи се постојано со првиот тим, јадат заедно, заедно се во вежбалницата и тоа помага да се создаде верба кај нив, да сфатат дека играчите од првиот тим се само луѓе како нив. Претпоставувам дека близината помага да се демистифицира она што е потребно за да стане навистина добар – вели Анкерсен.
Брентфорд добро го прави тоа. Во секоја од последните три сезони имаа напаѓач што постигнал 25 или повеќе голови. Во 2018/2019 беше Мопај, па Брајтон, потоа Воткинс, кој замина во Астон Вила и веќе дебитира во сениорската селекција на Англија. Минатата сезона тоа беше Иван Тони, кој го собори рекордот според постигнати голови во една сезона, 33. Тони се гледа како следен во редот за голем трансфер, иако голманот Давид Раха, играчот од средниот ред Џош Дасилва и напаѓачот Брајан Мбуемо, исто така, се барани.
Брентфорд потроши 71 милион фунти (84 милиони евра) за својот „мал, но совршен“ стадион, според зборовите на Варни, со капацитет од 17.250 места, отворен во 2020 година. Финансиите на Брентфорд, како и на повеќето клубови, беа погодени од ковид-19. Но со фудбалот и приходите од Премиер-лигата, со новиот стадион и со харизматичниот Френк како менаџер, клубот има потенцијал да оди по нагорна линија.