Годинава, по 23 кола во шампионатот на Бразил, 22 тренери веќе добија отказ. Во просек, тренер останува само 65 дена во ист клуб, пишува АФП

ФУДБАЛ

Бразилските клубови се светски шампиони во отпуштањето тренери, годинава, по 23 првенствени кола, 22 тренери веќе добија отказ, а од 20-те клуба во бразилската фудбалска Серија А, сезонава само пет не ги сменија тренерите, се истакнува во написот на Агенцијата Франс прес (АФП). Но тренери не отпуштаат само тимовите што се на дното на табелата. Пред три недели, актуелниот бразилски и јужноамерикански шампион, Фламенго, му врачи отказ на тренерот, Шпанецот Доменек Торент, поранешен долгогодишен асистент на Пеп Гвардиола, по едвај три месеци на таа функција. Тој беше отпуштен иако Фламенго беше на третото место, на само еден бод од врвот. Него го замени Рожерио Сени, под чие водство тимот од Рио де Жанеиро беше елиминиран во осминафиналето на Копа Либертадорес, од аргентинскиот Расинг, на пенали.
Една неодамнешна студија на германскиот спортски универзитет во Келн покажала дека Бразил е земја во која најмногу се отпуштаат тренери. Во таа студија се наведени отпуштањата на тренерите во Првата лига од 2003 до 2018 година. Авторите откриле дека во Бразил просечно 37,1 тренери биле отпуштени секоја сезона, наспроти 21 во Аргентина, 10 во Англија и 4,9 во Франција. Често за такво нешто се потребни четири последователни лоши резултати, открива студијата. Ако, пак, клубот биде елиминиран од Копа Либертадорес, шансата за отказ на тренерот се зголемува за 560 проценти. Работата на тренерите е сѐ потешка, со оглед на тоа што клубовите често се еднакво брзи при продажбата на своите најдобри играчи во Европа, пишува АФП.
– Треба да ја смениме нашата култура. Претседателите на клубовите треба да знаат зошто ги ангажираат и зошто ги отпуштаат тренерите – изјави Пауло Винисиус Коелјо, коментатор на бразилската мрежа СпорТВ, за АФП.

Репрезентацијата на Бразил во последно време е исклучок од тој тренд. Тите е селектор од 2016 година, а по Светското првенство (СП) во 2018 година го обнови договорот до 2022 година, иако Бразил беше елиминиран во четврт-финалето. Тој е првиот селектор на „Селекао“ што ја задржа работата по СП, без разлика на постигнатото, по Клаудио Кутињо во 1978 година. Неговиот асистент Клебер Ксавиер неодамна изјави дека високата стапка на отпуштање тренери е „еден од најголемите проблеми“ во бразилскиот фудбал.
Во просек, тренер во шампионатот на Бразил останува само 65 дена во истиот клуб. Но отпуштените тренери не остануваат долго невработени. Околу 10 тренери во просек тренираат два различни тима во една сезона. Сени е пример за тоа. Поранешниот играч на Сао Пауло, специјалистот за слободни удари и за пенали, кој е светски рекордер по постигнати голови за голман, 132, ја почна тренерската кариера во 2017 година во поранешниот клуб. Таму остана само шест месеци и на 37 меча.

Потоа отиде во Форталеза и им помогна да стигнат до Првата лига, а потоа замина за Крузеиро. Три месеци подоцна беше отпуштен и се врати во Форталеза, а минатиот месец замина во Фламенго.
– Големиот број на отпуштања на тренерите во Бразил е лош за развојот на играчите и лош за квалитетот на тимовите. Лигата треба да ги регулира вработувањето и отпуштањето, но клубовите не го сакаат тоа – напиша Тостао, напаѓачот, член на тимот што стана светски првак во 1970 година, во својата редовна колумна за весникот „Фолја де Сао Пауло“.