Јирген Клоп

Менаџерот Клоп, најави дека во реваншот Ливерпул ќе настапи со резервниот тим и оти тој нема да биде на тренерската клупа, односно тимот ќе го води менаџерот на младинскиот тим Нил Кричли

Менаџерот на европскиот првак Ливерпул, Јирген Клоп, им вети пауза на своите играчи и нема намера да го прекрши ветувањето. Дури и по цена на елиминација на Ливерпул во едно од најстарите и најпознати натпреварувања во светот на фудбалот, ФА-купот. Минатата недела Ливерпул го испушти водството од два гола на гости против третолигашот Шрусбери во четвртото коло, извлече само реми, 2-2, и како последица од тоа, ќе мора да игра реванш-меч на „Енфилд“ на 4 февруари.
По многу лобирања од менаџерите и од клубовите, лани Премиер-лигата конечно одлучи да воведе зимска пауза, во првата половина од февруари. Но реванш-дуелите од четвртата ФА-рунда ја нарушија таа најавена пауза. Тоа потенцијално може 14-дневната пауза за Ливерпул, меѓу натпреварите од 1 до 15 февруари, да ја намали на 11 дена. Клоп не се со согласува со тоа.

Германецот најави дека во реваншот Ливерпул ќе настапи со резервниот тим (до 23 години) и оти тој нема да биде на тренерската клупа, односно тимот ќе го води менаџерот на младинскиот тим Нил Кричли.
– Им кажав на момчињата уште пред две недели дека ќе имаме зимска пауза, што значи дека тие нема да го играат реванш-мечот. Знам дека таа одлука не е многу популарна, но јас така гледам на работите – изјави Клоп за Би-би-си.
Клоп додаде дека Ливерпул се придржувал до препораките на Премиер-лигата за време на паузата да не се играат никакви ревијални натпревари и играчите да одмораат. ФА, пак, од своја страна, вели дека ги предупредила клубовите за можноста да се играат реванши за време на паузата.

– Мора да го почитуваме здравјето на фудбалерите. Ним им е потребна пауза, ментален и физички одмор и за тоа станува збор во зимската пауза. Ние моравме претходно да ги донесеме овие одлуки – вели Клоп.
За волја на вистината, треба да се каже дека Ливерпул имаше ист пристап и во третото коло, кога со резервистите го совлада градскиот ривал Евертон, со 1-0. Кога првиот тим на Ливерпул беше на клупското Светско првенство (СП) во Катар, екипата под 23 години играше против Астон Вила, во четврт-финалето на Лига купот, и загуби со 0-5.
Овој пат Клоп беше критикуван, но неговата одлука силно одекна. Без оглед дали е од лојалност, поради загриженост за неговите играчи и за нивното здравје, таа одлука претставува силен став против постојаното зголемување на бројот на натпревари. Клоп испраќа порака дека нешто треба да се менува и дека европскиот шампион има други приоритети, а тоа се премиерлигашката и европската кампања.

Бодовната предност во Премиер-лигата на Клоп му овозможува ротација на составот, и реваншот против Шрусбери веројатно би можел да се вклопи во неговите планови, но се чини дека тој е решен да не попушта. Првакот на Европа ќе го игра реваншот, но само под тоа име.


ФА-купот станува сѐ понеатрактивен за богатите клубови

Финансискиот ефект од играњето во ФА-купот не им значи многу на премиерлигашите, кои добиваат над 120 милиони евра по сезона од ТВ-правата. А победникот на ФА-купот во мај ќе добие само 4,2 милиони евра. Прашање на време е кога ФА ќе ги укине реванш-мечевите, но и тоа не е важно, бидејќи со тоа нема да се запре назадувањето на најстарото куп-натпреварување на светот.
Пеп Гвардиола пред извесно време предложи укинување на вториот по ранг Лига-куп, чиј награден фонд изнесува само 237 илјади евра, од кои дел добиваат само победникот, финалистот и полуфиналистите. Тој куп не им значи ништо на врвните клубови, но е од витална важност за клубови како Оксфорд јунајтед, кој стигна до четврт-финалето сезонава. Нивниот меч против Сити беше пренесуван на телевизија и клубот за тоа доби 200 илјади евра.
Оксфорд сѐ уште е во ФА-купот (во реваншот дома игра против Њукасл) и веќе има заработено повеќе од 350.000 евра. Како и Шрусбери, и тие сонуваат да се пласираат во петтата рунда, не само за слава туку и за пари. Тимот од секоја дивизија што ќе стигне најдалеку добива по 270 илјади евра.