Европското фудбалско првенство годинава во 12 земји е јубилејно, на 60-годишнината од првото, одржано во 1960 година. До почетокот на 16-от шампионат, „Нова Македонија“ периодично објавува приказни за минатите првенства на Стариот Континент, за неговата еволуција, за поединците и за репрезентациите што го обележија ова натпреварување
ШЕЕСЕТ ГОДИНИ ЕВРОПСКИ ПРВЕНСТВА (7)
Франција триумфира на Европското првенство (ЕП) во 1984 година, победувајќи ја во финалето Шпанија, со 2-0, на стадионот „Парк на принцовите“ во Париз. Мишел Платини го постигна деветтиот гол на турнирот (Французите постигнаа вкупно 14), што уште е рекорд (ниту еден друг фудбалер не постигнал повеќе од шест гола). Претходно тој по трипати се запиша во листата на стрелците на дуелите со Белгија и со СФР Југославија, а по еднаш на средбите со Данска и со Португалија.
– Тоа беше прв трофеј за Франција во тимските спортови, тоа беа одлични моменти за францускиот фудбал и за францускиот спорт воопшто – вели Платини, во тоа време капитен на „триколорите“, играч на Јувентус и единствен „странец“ во составот.
Како и четири години порано, на ЕП 1980 во Италија, и на ова ЕП настапија осум репрезентации поделени во две групи, од кои сега двете најдобри се пласираа во полуфиналето, а подобрите од овие дуели играа во финалето. Поразените првпат не играа меч за третото место. Натпреварите се играа дури во седум града (Марсеј, Сент Етјен, Лион, Нант, Стразбур, Ленс и Париз).
Селектор на „триколорите“ беше Мишел Идалго (од 1976 до 1984-та), кој своевремено како играч на Ремс загуби од Реал во првото финале на Купот на европските шампиони (КЕШ) во 1956 година. Во 1982 година тој ја предводеше Франција до полуфиналето на Светското првенство (СП) во Шпанија.
– Под водство на Идалго игравме прекрасен фудбал. Тој создаде среден ред со четворица креативни играчи (Луис Фернандез, Жан Тигана, Алан Жирес и Платини – н.з.), кои можеа да додадат прецизна топка во секое време. Една од најголемите заслуги на Идалго беше наоѓање начин како да вклопи неколку „десетки“ во средниот ред – коментираше подоцна Платини.
Според претседателот на УЕФА, Чеферин, во моментов „постојат планови А, Б и В“, за продолжување на натпреварите кон средината на мај, во јуни или на крајот од јуни, но и можност повторно да се игра во почетокот од следната сезона, која, пак, би почнала подоцна. Сезоните во сите европски лиги би можеле да завршат и со мечеви без публика
Франција, која таа година на 12 меча имаше импресивен биланс, осум победи и четири ремија, и понатаму е единствената репрезентација што станала европски првак како домаќин, по проширувањето на завршниот турнир на осум селекции, од 1980 година. Подоцна пет земји-домаќини играа во полуфиналето, а Португалија во 2004-та и Франција во 2016-та беа поразени во финалињата.
По добрите игри на СП 1982 и висинските подготовки пред ЕП 1984, Французите важеа за фаворити за освојување на титулата.
– Бевме фаворити и нацијата се надеваше дека фудбалска репрезентација ќе биде првиот национален тим што ќе триумфира на еден голем турнир. Нашиот стил на игра беше типично француски, со многу додавања и со многу трчање, со интенција топката да се движи напред затоа што имавме играч како Платини, кој можеше да постигне многу голови. Многу е важно да имате лидер, а тој беше токму тоа. Кога играте со генијалец како Платини, сите други играчи стануваат подобри. Тој одигра исклучителен турнир, постигна многу битни голови и ја правеше разликата на секој меч – изјави во една пригода Фернандез.
Финалистот Шпанија постави рекорд во квалификациите и стана првата репрезентација што постигнала двоцифрен број голови, совладувајќи ја Малта со 12-1. Петелот наречен Пено, облечен во боите на Франција, со бројот 84 на дресот, беше официјалната маскота за завршниот турнир, втор од ваков вид по првата, Пинокио, од ЕП 1980.
Почина Мишел Идалго, францускиот селектор од ЕП 1984
Мишел Идалго, селекторот што ја предводеше Франција до нивниот прв голем трофеј, на Европското првенство во 1984 година во фудбал, почина на 87-годишна возраст. Идалго боледувал неколку години, а неговото семејство за една француска радиостаница изјавило дека тој починал од „природна исцрпеност“ во својот дом во Марсеј.
Идалго беше селектор на „триколорите“ од 1976 до 1984 година, кога тие како домаќини на ЕП во финалето ја совладаа Шпанија со 2-0. Две години претходно во полуфиналето на Светското првенство (СП) во Шпанија, Франција загуби од Германија на пенали.
– Идалго остави големо наследство. Тој го обнови францускиот фудбал на меѓународно ниво. Како селектор, тој со репрезентацијата на Франција ги достигна најголемите височини, одлучувајќи се за убав стил на фудбал, кој му овозможи секому од нас целосно да ги изрази своите индивидуални квалитети – изјави Мишел Платини, кој беше капитен во 1984 година.