Во последниот натпревар од првото коло на англиската Премиер-лига, Манчестер јунајтед на домашен терен со убедливи 4-0 го совлада подмладениот и реформиран тим на Челси.
Уште во 18-тата минута, по невнимателниот старт на Курт Зоума, прецизен од белата точка беше младиот напаѓач Маркус Рашфорд, додека „сините“ од „Стемфорд Бриџ“ немаа среќа и на двапати ја погодија рамката на голот на Давид де Хеа.
Ентони Марсијал во 65-тата минута ја навести катастрофата на Челси на менаџерското деби Френк Лампард, за 2 минути подоцна, по одличната асистенција на Пол Погба, Рашфорд да го постигне и вториот свој гол.
Одличниот резултат за тимот на Оле Гунар Солскјер го заокружи новото засилување, Велшанецот Даниел Џејмс, кој успеа по четврти пат ја смести топкава во мрежата на Кепа Аризабалага. Важно е да се напомене дека во редовите на Манчестер јунајтед, освен Џејмс, одлично деби имаа и скапо платените Хари Мегвајер на стоперската и Арон Ван-Бисака на десната бековска позиција.
Претходно во Премиер-лигата, Лестер и Вулверхемптон одиграа 0-0, додека Арсенал во тежок натпревар успеа да го совлада Њукасл на гости од 0-1 со гол на Пјер-Емерик Обамејанг.
Вчера, шампионот Манчестер сити со 0-5 го демолираше Вест Хем, Бормут одигра 1-1 со новајлијата Шефилд јунајтед, Барнли го победи Саутемптон со 3-0, Кристал палас и Евертон ремизираа без голови, Брајтон го изненади Вотфорд со 0-3, а Тотенхем со одличен пресврт ја победи Астон Вила со 3-1.
Во петокот, првото коло на Премиер-лигата го отвори европскиот шампион Ливерпул, кој лесно со 4-1 го совлада Норич.