ФУДБАЛ

Ги поставив моите цели и се обидувам да ги реализирам. Очигледно многу напредував тука, во овој клуб, каде што имав можност да освојам многу трофеи и да бидам најдобар. Добивал награди или не, секогаш работам за да бидам најдобар, вели голманот на Ливерпул, Бразилецот Алисон Бекер

Бразилецот Алисон Бекер, голманот на новиот фудбалски првак на Англија, Ливерпул, вели дека сака да „постигне големи успеси“ со „црвените“, и ја истакнува големата желба да „биде најдобриот“ голман на светот.
– Јас секогаш работам напорно за да бидам најдобар – вели Алисон (27) во интервјуто за клупската интернет-страница.

Ливерпул го ангажира Алисон од Рома во летото 2018 година, за тогаш рекорден светски голмански трансфер од 67 милиони фунти (87 милиони долари). Во следните две години со Алисон на голот „црвените“ освоија четири големи трофеи, станаа европски и светски прваци, победија во Суперкупот на УЕФА, а пред еден месец триумфираа и во англиската Премиер-лигата, освојувајќи ја 19-та титула првак на Англија, прва по пауза од 30 години.

Алисон веќе има 88 настапи во сите натпреварувања за Ливерпул, иако во почетокот на првенството мораше да паузира два месеца поради повреда. Бразилскиот интернационалец лани во декември го доби многу посакуваниот трофеј „јашин“, на „Франс фудбал“, како и признанието „златна ракавица“ за најдобар голман во Лигата на шампионите (ЛШ). Алисон инсистира на тоа дека неговата цел отсекогаш била да стигне до врвот во својата професија. Тој вели дека е среќен и благодарен што му била дадена шанса да го реализира целосниот потенцијал на „Енфилд“.

– Верувам дека не станав најдобар голман на светот минатата сезона. Тоа очигледно е затоа што целиот живот го правев ова, тренирам од 10 години. Секогаш се обидував да тренирам напорно за да постигнам големи работи. Си ги поставив моите цели и се обидувам да ги реализирам. Очигледно многу напредував тука, во овој клуб, каде што имав можност да освојам многу трофеи и да бидам најдобар. Освоивме големи титули, во Лигата на шампионите и во Премиер-лигата. Мојот менталитет секогаш бил да бидам најдобар. Добивал награди или не, секогаш работам за да бидам најдобар – истакнува Алисон.

На прашањето како се чувствува како победник во Премиер-лигата, Алисон одговара дека во моментов „тоа му значи сѐ“.
– Моите најголеми достигнувања во фудбалот се со овој клуб, индивидуално и со моите соиграчи, така што сево ова многу значи за мене и за моето семејство. Уште при пристигнувањето тука можевме да почувствуваме дека тоа е посебен клуб, клуб што ве третира како да сте дел од семејство и ви ја дава целосната поддршка што ви е потребна за да останете фокусирани на играњето фудбал. Многу ни е удобно тука, сакаме да бидеме тука. Многу ни значи и поддршката од навивачите, кои, исто така, се дел од ова семејство – истакнува Алисон.