Ѕвездата на американската МЛС лига Златан Ибрахимовиќ викендов го постигна 500-от гол во кариерата, а за успехот на адреса на шведскиот фудбалер се уште пристигнуваат честитки.
Ибрахимовиќ голот го постигна на натпреварот на кој неговиот тим Лос Анџелес галакси загуби со 3:5 од Торонто.
– Драго ми е за Торонто, ќе останат запаметени како моја 500-та жртва, прокоментира во свој стил шведскиот фудбалер.
Меѓу честитките кои ги доби Ибрахимовиќ, најинтересна е онаа од поранешниот англиски фудбалер Дејвид Бекам.
– Златан ти честитам! 500 голови, каква кариера, каков играч, какво постигнување. Уживање беше да се игра со тебе и против тебе, задоволство е да се биде твој пријател. 500 голови – тоа значи дека си многу стар. Честитам уште еднаш пријателе, истакна Бекам.
Ибрахимовиќ пред крајот на минатата сезона си замина од Манчестер јунајтед и кариерата ја продолжи во Лос Анџелес галакси.