Потпретседателот на ФИФА, Канаѓанецот Виктор Монталјани, вели дека е можно годинава да не се играат повеќе меѓународни натпревари поради пандемијата на коронавирусот и ограничувањата при патувањата, како и поради потребата да им се даде шанса на клупските натпреварувања да продолжат
Можно е да не се играат меѓународни фудбалски натпревари до 2021 година поради пандемијата на коронавирусот и ограничувањата при патувањата, како и поради потребата да им се даде шанса на клупските натпреварувања да продолжат, ја пренесува „Асошиејтед прес“ изјавата на потпретседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Канаѓанецот Виктор Монталјани.
Тој ја предводи работната група на ФИФА што е задолжена за справување со импликациите врз најпопуларниот светски спорт, кој е суспендиран од минатиот месец. ФИФА веќе ги откажа натпреварите меѓу земјите што требаше да се одиграат во март и во јуни. Монталјани, кој е претседател и на Фудбалската конфедерација на Северна Америка (КОНКАКАФ), смета дека и термините за натпреварите на националните тимови во септември, октомври и во ноември би можеле да бидат укинати.
– Јас лично мислам дека тоа ќе биде предизвик, не само поради здравствените проблеми низ целиот свет и различните степени на подготвеност туку и поради патувањата. Мислам дека домашниот фудбал е приоритет. Термините во септември уште се опција, но со оглед на тоа каква е моменталната ситуација не сум сигурен дека ќе биде можно да се играат натпревари – изјави Монталјани во видеоинтервјуто за „Асошиејтед прес“.
Враќањето на навивачите на стадионите можеби ќе зависи од вакцината за спречување на ковид-19, но тоа може да потрае до 2021 година.
– Ако добиеме дозвола за играње фудбалски натпревари силно се сомневам дека првиот ќе биде пред публика. Мислам дека тоа би било многу ризично. Мислам дека тоа ќе биде фазен пристап, исто како и во други сегменти во општеството – вели тој.
Според Монталјани, можно е да не продолжи играњето фудбал годинава во делови од светот што се најтешко погодени од пандемијата, вклучувајќи ги Европа и Северна Америка.
– Апсолутно, секогаш постои таа можност – вели тој.
Квалификацискиот формат за Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар можеби ќе треба да претрпи измени поради временската рамка за одигрување на натпреварите.
– Веројатно ќе мораме сериозно да разгледаме и да размислиме за реформатирање на некои настани. Посветени сме на завршниот турнир во Лигата на нациите, но имаме други настани што, веројатно, ќе претрпат измени, без разлика дали станува збор за некои натпреварувања за помладите категории, па дури и за квалификациите за СП – вели Монталјани.