Во петтото коло Барселона го претрпе вториот пораз, од Гранада (0-2), што е најлош почеток на сезоната во последните 25 години (две победи, два пораза и едно реми)
Барселона, актуелниот првак на Шпанија, во петтото коло го претрпе вториот пораз, што е најлош почеток на сезоната во последните 25 години (две победи, два пораза и едно реми), од сезоната 1994/1995, тогаш под водство на Јохан Кројф! Тренерот Ернесто Валверде, по ремито во Лигата на шампионите (ЛШ) против Борусија Дортмунд (0-0), направи четири измени во составот, а Лионел Меси повторно беше на клупата за резерви пред да влезе во игра во второто полувреме, но без ефект. Барса играше лошо и не успеа да постигне гол на гости на шестиот од седумте последни меча во Ла лига. Тоа е загрижувачки податок за навивачите на Барселона, плус и фактот дека скапото летно засилување од Атлетико, Французинот Антоан Гризман нема упатено ниту еден удар кон противничкиот гол на четирите меча на гости во дресот на Барселона.
– Поразот загрижува и боли, мора многу внимателно да разгледаме многу работи. Мораме да се погледнеме, пред сѐ, самите себе, за да се подобриме. Откако примивме гол уште во втората минута работите тргнаа на лошо. Загрижувачки се многу работи, покрај неефикасноста и несоздавањето шанси. На вакви натпревари се освојува или се губи првенството – изјави Луис Суарез.
И јасно прв на удар е Валверде, како и на крајот од ланската сезона, за кого шпанските медиуми велат дека премногу се потпира врз маестралниот Меси, кој не може сѐ сам да реши и оти неговиот тим како да заборавил да се брани кога гостува.
„Уште колку долго Валверде“?, се прашува весникот „Марка“. За Валверде се вели дека не е единствениот виновен за лошиот почеток на сезоната, но секако е најголемиот поради лошите одлуки, брзината на реагирање, составот на тимот, како и за тактичката поставеност и неизбалансираност. Меѓу работите што не се во негов домен спаѓаат: лошата атмосфера во тимот и во соблекувалната, подвоеноста и незадоволството меѓу играчите, па и недисциплината.
За утеха на Барселона, слични проблеми има и големиот ривал, Реал, кој исто така не ја почна најдобро сезоната. На четирите меча досега (синоќа во дербито ѝ гостуваше на Севилја), „кралевите“ забележаа две победи и две ремија, а со жестоки критики се соочува тренерот Зинедин Зидан (Реал загуби од ПСЖ со 0-3 во ЛШ), кој има само 50 отсто успешност откако се врати, по што шпанските медиуми веќе му бараат замена и го спомнуваат Жозе Мурињо, за кого се изјасниле 44 отсто во анкетата што ја спроведе „Марка“. Но како кандидати за нов тренер се споменуваат и Италијанецот Масимилијано Алегри, до неодамна тренер на Јувентус (23 отсто) и клупската легенда Раул (21 отсто). На ваквите шпекулации во медиумите Мурињо одговори во свој стил.
– Не сакам да го тренирам Реал бидејќи тие имаат тренер. Тоа е тоа – изјави Мурињо.