Свесни сме за важноста на натпреварот, треба да бидеме трпеливи и концентрирани, бидејќи тогаш ќе дојдат до израз нашите квалитети. Пред оваа генерација е голема шанса да обезбеди место на ЕП 2020, вели Енис Барди, пред мечот на Македонија утре кај Лихтенштајн
Македонската фудбалска репрезентација ги заврши тридневните мини-подготовки во швајцарското место Фусисберг и од денеска е во Вадуц каде што утревечер му гостува на Лихтенштајн (20.45 часот) во петтото коло, група 4, лига Д, во Лигата на нациите (ЛН).
Последен на репрезентацијата во Швајцарија ѝ се приклучи капитенот Горан Пандев. На полесни повреди се пожалиле Елиф Елмас (болки во грбот) и голманот Дени Илиев (болка во рамото), поради што тренирале со помал интензитет. Елмас поради двата жолти картона (како и Езџан Алиоски) ќе го пропушти утрешниот натпревар, но се очекува да биде подготвен за последниот меч против Гибралтар во Скопје, в понеделник, 19 ноември.
Енис Барди, играчот на шпанскиот прволигаш Леванте, смета дека Македонија против Лихтенштајн мора да одигра внимателно и дисциплинирано, додавајќи оти резултатот од Скопје (4-1) не смее да залаже, бидејќи домаќинот сигурно ќе сака да го поправи впечатокот пред домашната публика.
– Свесни сме за важноста на натпреварот и треба да одиграме тактички добро и организирано. Треба да бидеме трпеливи и концентрирани, бидејќи тогаш ќе дојдат до израз нашите квалитети. Сами решаваме за нашето место во групата, одиме да победиме. Мотиви и желба не ни недостигаат, напротив, пред оваа генерација е голема шанса да обезбеди место во завршницата на Европското првенство во 2020 година – вели Барди за интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Оптимист пред утрешниот натпревар е и играчот од средниот ред Бобан Николов, кој настапува за унгарскиот прволигаш Види.
– Нѐ очекуваат уште два натпревара, но во моментов сме фокусирани на дуелот со Лихтенштајн. Со добра игра и со освојување на трите бода од Вадуц очекувам да го потврдиме првото место во групата. Мислам дека сме во добра форма и верувам оти ќе се претставиме во многу подобро издание отколку на претходниот натпревар против Ерменија – вели Николов.