Тестирањата за коронавирусот во Бундес-лигата и медицинските протоколи беа пример што го следеа другите лиги, па и спортови низ светот
ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА
Баерн со триумфот на мечот против Волфсбург на гости (4-0), во супериорен стил, со 100-от постигнат гол, ја заврши сезоната во германската фудбалска Бундес-лига и ја потврди осмата последователна титула, вкупно 29-та во клупската историја. Покрај Баерн место во Лигата на шампоните (ЛШ) обезбедија Борусија Дортмунд, Лајпциг и Борусија Менхенгладбах, а во понизок ранг се селат Фортуна и Падерборн. Баерн и Лајпциг ги очекува нова пауза пред да ги продолжат мечевите во ЛШ во август, а Волфсбург, Ајнтрахт и Баер во Лига Европа. Но Баерн и Баер в сабота ќе го играат финалето на Купот на Германија.
Полјакот Роберт Левандовски, напаѓачот на Баерн, е прогласен за најдобар играч на сезоната 2019/2020 во која постигна 34 гола, рекордни за него. Тој петти пат е прв стрелец во лигата, а од него поуспешен е само Герд Милер, кој седум пати бил прв голгетер, а е рекордер и според бројот на постигнати голови во една сезона, во 1971/72, со 40 гола.
Но повеќе од спортските постигнувања, сезонава во Бундес-лигата ќе се памети по пандемијата на коронавирусот поради која имаше тримесечен прекин. На крајот имаше трофеј, медали за победниците и пригодни маички. Недостигаа само навивачите на празните стадиони од кои одекнуваа само гласовите и извиците на играчите, објави агенцијата „Асошиејтед прес“.
– Ова не е Бундес-лигата што ја сакавме или ја сакаме, но тоа беше единствениот можен начин да ја завршиме сезоната – изјави извршниот директор на лигата Кристијан Сејферт.
Речиси веднаш по суспендирањето на лигата на 13 март, Германија почна да се подготвува за продолжување и на располагање имаше 25.000 теста за коронавирус за да се заврши сезоната. Во една фаза рестартирањето изгледаше сомнително поради позитивните тестови на играчи или на персонал во Келн и во Динамо, но тој проблем брзо беше решен. Анкетите, пак, покажуваа дека повеќето Германци се против рестартирањето, но деталните планирања за тестовите и за тренинзите што ги направи лигата помогнаа да се убедат клучните политичари.
Бундес-лигата успешно се рестартира на 16 мај, еден месец пред другите големи европски лиги. Тестирањата за вирусот во Бундес-лига и медицинските протоколи беа пример што го следеа другите лиги, па и спортови низ светот, пишува „Асошиејтед прес“. Бундес-лигата беше првата голема европска лига што се обиде и колку-толку успеа да ги намали финансиските штети од ТВ-зделките за време на пандемијата. Но по речиси две децении раст на договорите за ТВ-правата новиот пакет за следните четири сезони ќе изнесува 4,4 милијарди евра што е помалку за околу 60 милиони евра по сезона од сегашниот договор, пишува „Асошиејтед прес“.
Извршниот директор на Баерн, Карл-Хајнц Румениге, смета дека и другите лиги наскоро ќе се соочат со истите проблеми.
– Ако се погледнат проблемите што уште не се решени со ТВ-операторите, на пример, во Англија, Италија или Шпанија, тогаш ние, сепак, можеме да бидеме многу задоволни – изјави Румениге за клупската интернет-страница.