ФУДБАЛ-по тримфот на КЛУПСКОто СВЕТСКО ПРВЕНСТВО

Европскиот и германски првак Баерн го победи првакот на Северна Америка, мексиканскиот клуб Тигрес, со 1-0 во финалето на 17-то клупско Светско првенство (СП) во Катар, со голот на Бенжамин Павар во 59-та минута. За Баерн тоа беше втора титула светски првак (првата ја освои во 2013 г.), вкупно шеста сезонава и се израмни со Барселона, на која тоа ѝ успеа во 2009/2010-та. Станува збор за трофеи во Лигата на шампионите (ЛШ), Бундес-лигата, Купот на Германија, Суперкупот на УЕФА и во Суперкупот на Германија.
Во мечот за третото место, Ал Ахли од Египет, првакот на Африка, беше подобар на пенали (3-2) од бразилски Палмеирас, првакот на Јужна Америка.
Групата за технички студија на ФИФА го прогласи напаѓачот на Баерн, Роберт Левандовски, за најдобар играч на турнирот, доделувајќи му ја наградата „златна топка“. Андре-Пјер Жињак од Тигрес, најдобриот стрелец на турнирот со трите гола, ја доби „сребрената“, а Џошуа Кимих од Баерн, „бронзената топка“. Катарскиот Ал Духаил го доби признанието за ферплеј.

Европските клубови триумфираа на последните осум финалиња на клупското СП. Досега само четири неевропски клуба го креваа победничкиот пехар, сите од Бразил. Тренерот на Баварците, Ханс Дитер Флик (55), освен рекордната шеста клупска титула, си обезбеди место во клупската историја како првиот човек што бил клупски и светски првак со Германија во 2014 година како помошник на селекторот Јоаким Лев.
– Честитки за мојот тим, забележавме историски подвиг, освоивме шест титули во една сезона. Дури и за успешен клуб каков што е Баерн, ова е најуспешната сезона досега. Игравме извонредно, доминиравме, победата никогаш не беше во опасност и заслужено го добивме финалето – изјави Флик, кој откако ја презеде тренерската функција во ноември 2019 година забележа 58 победи на 68 натпревари, освојувајќи трофеј на секои 11,3 натпревари!